За СДСМ, Сиљановска не кажала каква визија има за државата


Фото: Б. Грданоски

 

Официјалната реакција на опозициската СДСМ на годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја изнесе координаторот на пратеничката група, Оливер Спасови. Тој рече дека Сиљановска во Собранието не понудила визија за иднината на државата и дека очекувал многу теми во општеството да бидат дел од денешното обраќање.

СДСМ ќе даде поддршка за некои од залагањата на претседателката, особено тие поврзани со Армијата.

„Кога зборува за Армијата, поддршката на Армијата и поддршката на сите политики што би значеле унапредување на состојбата во Армијата и подобрување на животниот стандард на сите воени и цивилни лица во Армијата, е нешто за што ќе добие поддршка од нас. И второ, поддршката на еднаквите можности, вметнувањето на жените во политиките, декларативно е добро како став на претседател на држава. Меѓутоа, очекувам дека таа декларативност преку влијание преку јавно искажан збор ќе биде преточена во политики“, истакна Спасовски на прес-конференција во Собранието.

Тој очекувал претседателката јавно да го осуди носењето на Законот за јавни набавки, со што, додаде, се руши транспарентноста и очекува и ја повика да не го потпише указот за овој закон.

„Доколку постои каков било предлог за унапредување на евроинтегративните процеси на државата, тој предлог да биде споделен и со парламентарната опозиција и врз основа на тоа, заеднички да разговараме, да заземеме соодветни ставови и заеднички да им помогнеме на граѓаните и на државата“, нагласи Спасовски.

Тој очекувал зборови и за состојбата на економски план за тоа што се случува во моментов.