За СДСМ, Предлог-буџетот води кон нови задолжувања, а не кон раст; достави 200 амандмани 

Мицкоски треба да каже зошто ќе има двојно плаќање на камата на кредитот од Унгарија и потенцијална нееднаквост меѓу компаниите и општините, рече Филипче


Венко Филише рече редка предложениот буџет е документ без визија, тој е нереален и неразвоен

 

Главната опозициска партија, СДСМ, на ден пред почетокот на комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година во Собранието, на прес-конференција ги оцени владините проекции за раст на БДП и на буџетските приходи и расходи како нереални и кои водат кон зголемување на јавниот долг. Пратеничката група на СДСМ доставила 200 амандмани со кои сакаат да ги поправат ваквите недостатоци во владиниот предлог.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција рече дека Предлог-буџетот за 2025 година е првиот буџет што оваа Влада го предлага, и токму во него граѓаните очекуваа политики кои ќе донесат подобар живот и економски развој.

„Но, наместо тоа, добивме документ без визија и креативност, кој е нереален, неразвоен и недомаќински, со цел да ги задоволи само предизборните активности. Овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и за уште една изгубена година за економијата и за граѓаните“, рече Филипче.

Со анализата на Предлог–уџетот која ја изнесе, Филипче рече дека сака јавноста да има јасна слика како овие политики ќе влијаат врз економијата и врз квалитетот на животот на граѓаните.
Тој се осврна на предвидениот раст на домашниот бруто производ од 3,7 проценти за 2025 година, кој смета дека нема да може да се оствари.

„Потврда за тоа се проекциите на Народна банка која растот го определи на 3,3 проценти и очиглено најреалната проценка, на Светска банка од 2,5 проценти“, рече Филипче оценувајќи дека владината проекција за висок раст на БДП е поставена на нереална основа и има за цел да оправда поголем буџетски дефицит.

Според него, ваквиот пристап ќе значи зголемување на јавниот долг без да донесе никаков развој.

„Со други зборови, ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе мора да го враќаме во иднина, веројатно со повиски даноци или со кратење на други подобри јавни услуги“, рече претседателот на СДСМ.

Тој оцени дека Владата со уште својот прв буџет постапила незаконски и се задолжува над законски дозволените лимити. Притоа, тој посочи дека Владата проектира буџетски дефицит од четири проценти од БДП што е директно во спротивност на Законот за буџети, каде јасно стои дека дефицитот не смее да надмине три проценти од номиналниот БДП.

„Сите овие податоци укажуваат дека долгот ќе расте што ја потврдува нашата грижа дека ова е Влада која планира да ги задолжи граѓаните за следните три поколенија. Политиката на нови задолжувања со новиот буџет е веќе загарантирана, а растот и продуктивноста според овој буџет ќе бидат на минимум“, рече Филипче.

СДСМ смета дека со буџетот се предвидуваат зголемувања на непродуктивните трошоци за ставките стоки и услуги договорни услуги и трансфери, а во исто време се планира кратење на капиталните расходи во клучни сектори, како здравство и образование.

„Ова е најдобар индикатор дека Владата нема концепт за развој, туку го оптоварува буџетот со непотребни трошоци без воопшто да вложува во капиталните сектори кои значат квалитетен живот на граѓаните“, рече Фулипче.

Осврнувајќи се на намерата на Владата 250 милиони евра од заемот од Унгарија да ги пласира како поволни кредити за стопанството преку деловни банки, Филипче рече дека и премиерот Христијан Мицкоски соопштил дека Владата се согласила граѓаните да ја плаќаат разликата во каматата и банкарските трошоци за кредитите кои банките ќе ги одобрат на компаниите.

„Мицкоски треба да каже зошто ќе има двојно плаќање на камата и потенцијална нееднаквост меѓу компаниите и општините. Второ, зошто со парите на граѓаните ќе ги плаќа и враќа два пати каматите за кредити“, рече Филипче, додавајќи дека тие кредити нема да се потрошат за потребите на граѓаните и за подобрување на нивниот квалитет на живот.

Во однос на капиталните инвестиции во Предлог-буџетот и нивната распределба и очекуваното влијание врз домашната економија, СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ покажува тотална безидејност.

„Единствено што може да се види е дека проектите на СДСМ се тие кои ќе реализаат без Владата да понуди нешто свое и нешто ново“, рече Филипче, посочувајќи дека „конечно и во буџетот стигна признание за коридорите што ги гради ‘Бехтел и Енка’, кои од историски криминал сега станаа проекти главни за реализација за кои се определни средства“.

Покрај ова, според СДСМ, во буџетот нема ниту еден државен проект за инвестиции во модернизација или изградба на нови енергетски објекти. Притоа, средствата предвидени за гасификација се речиси за половина намалени во однос на 2024 година и се минимални и недоволни. Нема ниту проекти и програми за зголемување на енергетската ефикасност на сите нивоа со цел заштеда на енергија.

„Ова е буџет што ги запоставува малите и средни претпријатија, кои сочинуваат околу 80 отсто од работните места во земјата. Од 80 милиони денари, поддршката за МСП е намалена на само 18 милиони денари. Владата со ова јасно покажува дека ги фаворизира странските инвестиции на сметка на домашната економија“, додаде тој.

Филипче истакна дека СДСМ нема да гласа за ваков буџет и дека поднесе 200 амандмани кои целат кон подобрување на клучните фискални политики.

„Преку овие амандмани, ние предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, посебно во образованието, полицијата и за пожарникарите, како и инвестиции во напредни технолошки средства за подобрување на безбедноста на граѓаните“, истакна тој.

Според амандманите, СДСМ предлага одвојување на 3,5 милијарди денари од Буџетот за следната година за зголемување на платите во јавниот сектор. Со амандман којшто се однесува на образованието, СДСМ предлага издвојување на 996 милиони денари за зголемување на платите на наставниците од основно и средно образование. Во полицијата, со амандман СДСМ предлага зголемување на платите од 20 отсто, а за платите на пожарникарите да се издвојат една милијарда денари во Буџетот за 2025 година.

Филипче посочи и на амандманите за здравство, кои се насочени кон подобрување на медицинската инфраструктура и услуги, како и инвестиции во нова опрема и обука на медицинскиот персонал. Дополнително, амандманите во делот на енергетика и животна средина се насочени кон еколошки и одржлив развој, вклучувајќи субвенции за електрични возила и поддршка за проекти за производство на водород.

„Нашите амандмани ќе придонесат за рамномерен и одржлив развој и ќе ја поттикнат македонската економија кон вистински напредок. Веруваме дека ова е буџет што може да одговори на реалните потреби на граѓаните, но само со конструктивни измени и зголемени капитални инвестиции“ заклучи Филипче. (Н.В.)