За СДСМ анкетата на ИПИС е лажирана и нарачана


Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) денеска излезе со анкета според која 39,1 отсто од граѓаните сакаат предвремени избори, 32,5 проценти сметаат дека треба да остане истата власт, а 28,4 отсто одговориле со „не знам“. Кусата телефонска анкета, како што напоменува ИПИС, е спроведена во периодот помеѓу 4 и 6 мај на примерок од 1111 полнолетни испитаници на ниво на цела држава. 

Според резултатите од анкетата на прашањето за која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори, 21,2 отсто од испитаниците се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, 16,2 за СДСМ, 7,2 за ДУИ, 3,8 отсто би гласале за Алијанса за Албанците, 2,9 отсто за Левица, 1,5 отсто за БЕСА и еден процент за Алтернатива.За ниту една партија не би гласале 17,3 проценти од испитаниците, не сакале да кажат 16,1, а одговор немале 12,8 отсто.

Анкетата , која оди во прилог на барањата на ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ ја нарекоа очаен обид со нарачани и лажирани анкети „да се храбри Христијан Мицкоски во своите дестурктивни чекори и блокади“.
 
-Анкетите нарачани и лажирани од ВМРО-ДПМНЕ граѓаните многу добро знаат како се спроведуваат, за што говори и видеото во прилог: https://fb.watch/cTfO7dW3O1/ 
 
Лажирани анкети по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја покријат неработата на градоначалниците од оваа партија во изминатите 6 месеци ниту пак криминалната матрица на ВМРО-ДПМНЕ.Оваа агенција и во 2020 година предидуваше победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на парламентарните избори, па тоа не се случи, напротив. Предвидувањата им беа неточни, ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори доживеа пораз порачуваат од СДСМ..