За Рустеми тврдењата на Николоски за ЈПДП се неточни и неосновани, со впечатлива политичка позадина


Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, во писмена реакција до медиумите ги нарече „неточни и неосновани, со впечатлива политичка позадина“, тврдењата на министерот за транспорт и врски Александар Николоски, за неправилности во работењето на ЈПДП.

„Изнесените тврдења на прес-конференцијата на министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, а по наодите на Државниот завод за ревизија, за наводни нерегуларности во работењето на Јавното претпријатие за државни патишта, ги отфрламе како неточни и неосновани, со впечатлива политичка позадина“, се вели во реакцијата на Рустеми.

Вчера на прес-конференција министерот Николоски го повика Јавното обвинителство да го испита работењето на ЖРСМ Инфраструктура и на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) врз основа на наводите од извештајот за јавните инвестиции на Државниот завод за ревизија.

Според Николоски, Извештајот на ДЗР отвора сомнеж за досегашното работење на ЈПДП, меѓу другото за патот Дреново-Градско за кој проект вели дека има ризици од арбитража, како и за зголемената вредност на автопатот Кичево-Охрид за 175 милиони евра, а за кој се потрошени 446 милиони евра, а не е завршен и по 10 години од стартот на изградбата.

Тој најави и декласифицирање на Договорот со Бехтел и Енка за автопатските делници на коридорите 8 и 10Д,  по промена на раководството во ЈПДП.

Рустеми во реакцијата посочува дека во изминатиот период ЈПДП има реализирани рекордно ниво на капитални инвестиции во патната инфраструктура, сѐ со цел за подобрување на патната мрежа, на автопатското поврзување, на одржување и унапредување за безбедно одвивање на сообраќајот низ целата држава.

„Минатата година, исто така, регистрирано е рекордно ниво на приходи од патарини, а воведена е електронскa наплата на патарини. Во истиот период, направени се големи зафати за редовно одржување на патиштата: чистење, кастрење на вегетацијата и слично, за поголема безбедност и сигурност за одвивање на сообраќајот“, се вели во реакцијата, при што се додава дека лани конечно започна со реализација и „најголемиот инфраструктурен проект во историјата на современата македонска држава, тоа се европските Коридор 8 и Коридор 10д“.

Рустеми вели дека во сите овие реализирани проекти, од страна на ЈПДП и менаџментот биле испочитувани сите законски процедури, за кои што има и соодветна документација.

Во врска со изградбата на автопатот од Кичево до Охрид, Рустеми вели дека вредноста на договорот е зголемена со Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти, за изградба на патна делница Миладиновци- Штип и патна делница Кичево-Охрид, објавен во Службен весник бр.208 од 14.11.2018 година.

Во врска со наодите во ревизорскиор извештај за втората делница ТЕН-Т проект за автопат од Скопје до граница Косово со проценета вредност од 112 милиони евра, вредноста била зголемена на 198 милиони евра од страна на независна техничка консултантска куќа – Аткинс, ангажирана од ЕБОР, во соработка со проектантот Конзорциумот Хил Интернешнл, избран преку ИПФ 7 со грант од Европска комисија. При изборот на консултантската куќа и проектантот, ЈПДП немал и не може да има никакво влијание.

За делницата Градско-Дреново, Рустеми вели дека во ИПА оперативната структура Министерство за финансии – ЦФЦД ги има обврските на „Договорен орган“, додека Министерството за транспорт и врски е „корисник“, а Јавното претпријатие за државни патишта е „краен корисник“.

„Јавното претпријатие за државни патишта како ‘краен корисник’ ги презема и ги има извршено навремено сите обврски од технички аспект за кои е надлежна според Оперативниот договор“, вели Рустеми, додавајќи дека тој како директор, и ЈПДП, стојат на располагање на сите надлежни институции за секаков вид на проверки и ревизии на нивното работење.