За разликите меѓу Маркс и Кејнз

Маркс беше историчар кој веруваше дека историјата е производ на економијата. Кејнз беше еден од најдобрите советници на владејачката класа


Овој краток текст е инспириран од неодамна прочитаниот француски превод на „Есејот за марксистичката економија“ на Џоан Робинсон од 1942 година, објавен со неколку нејзини други дела за Маркс, Маршал и Кејнз (есеите беа преведени и предговорени од Улисе Лојкин). Бев инспириран и од одличната презентација на „Есејот“ и животот на авторката што Каролин Алвес ги објави во „Економски перспективи“.

Пред да започнам, дозволете ми неколку предупредувања во врска со мојата експертиза на оваа тема. Добро го познавам Маркс долго време, а неодамна завршив долго поглавје за неговите ставови за распределбата на приходите (за книгата што ја пишувам) и вообичаените теми за реалната заработка, растечкиот органски состав на капиталот, тенденцијата за опаѓање на стапките на профит, и така натаму, така што сето тоа е сè уште свежо во сеќавањето.

Многу помалку знам за Кејнз – но морам да напоменам дека пред неколку години една извонредна личност беше мој личен тутор за Кејнзовата „Општа теорија“. Аба Лернер, еден од првите следбеници на Кејнз, ми беше ментор цела година. Лернер ме замоли да прочитам избрано поглавје од „Општата теорија“, да го сумирам и да го коментирам, така што следната недела го добив назад мојот текст ишаран со неговите црвени коментари. Се восхитував на брилијантноста на Кејнз. Додека го пишувам ова, немам при рака ниедна Кејнзова книга, но сè уште живо се сеќавам на поглавјата за „специфичната каматна стапка“ и „трошокот за одржување“ што Аба Лернер ме тераше да ги читам одново и одново. Не ја проучував кејнзијанската макроекономија, бидејќи макроекономијата во принцип не ме интересира. Јас овде искажувам мислење за Кејнз, не за кејнзијанците.

Целта на Џоан Робинсон во „Есејот“ беше да ги усогласи Марксовата и Кејнзовата економија со посочување на сличностите помеѓу Марксовото разбирање за капиталистичките производствени односи што доведуваат до пад на ефективната побарувачка и темите со кои Кејнз се занимава во „Општата теорија“. Еве еден од користените  цитати од Маркс: „Последна причина за сите реални кризи останува сиромаштијата на масите и ограничувањето на нивната потрошувачка, наспроти тенденцијата на капиталистичкото производство да ги развива производните сили на таков начин што лимитот е претставен само со апсолутната потрошувачка способност на општеството“ („Капитал“, том III, 30. поглавје). Или како што вели Маркс на друго место – парафразирам – секој капиталист ги гледа своите работници како непријатели и сака да им плати што е можно помалку; од друга страна, работниците на другите капиталисти му се „пријатели“, бидејќи тие му ја купуваат стоката. Ако сите капиталисти се обидат да ги намалат платите на работниците и успеат во тоа, резултатот е економска криза.

Друга причина за економските кризи, Маркс гледа во нерамномерниот раст на секторите кои произведуваат потрошувачки и инвестициски добра, но тоа објаснување е помалку интересно од кејнзијанска гледна точка. Џоан Робинсон нуди одлично резиме на другите важни идеи на Маркс, вклучително и трудовата теорија на вредноста, проблемот на трансформацијата, тенденцијата за паѓање на стапките на профит и така натаму, но акцентот е, како што реков, на причините за кризата и ефективната побарувачка.

Споредувајќи ги Маркс, Маршал и Кејнз, Џоан Робинсон нагласува дека мора да се обидеме да ги одвоиме нивните научни ставови за функционирањето на економијата од идеолошки мотивираните ставови кои се присутни во сите тркај сите тројцаи: во случајот на Маркс, тоа е верувањето дека капитализмот е историска (а со тоа и транзиторен) начин на организирање на производството, претпоставката на Маршал дека капитализмот е природен начин за организирање на производството, а кај Кејнз амбицијата да го усоврши капитализмот со цел да го спаси од самоуништување.

Би рекол дека разликите, барем во случајот на Маркс и Кејнз, се помалку последица на влијанието на идеологијата (иако не негирам дека постои), а повеќе се разлика во временските рамки кои ги користат во анализата. (Мислам дека Шумпетер веќе забележал нешто слично, така што ова не е особено оригинален увид.)

Временската рамка на Маркс е секогаш долгорочна, дури и кога се занимава со кризите. Кризите се моментални манифестации на долгорочните проблеми својствени за капиталистичкиот начин на производство, така што не е изненадувачки што марксистичките автори како Гросман, Бухарин и Мандел – веројатно следејќи го Маркс – гледаат во преклопувањата на долгорочните тенденции за опаѓање на профитните стапки и акутните нестабилности како знак на приближувањето на колапсот на капитализмот. (Исто така, не е изненадува што Џоан Робинсон ја отфрла тезата за опаѓање на стапките на профит, но ја прифаќа интерпретацијата на причините за кризата.) Како што точно забележува Робинсон, кај Маркс сѐ е историски засновано. Читателите се поканети да погледнат во иднината и да размислуваат за основните сили што го движат капитализмот.

Пристапот на Кејнз е различен, речиси спротивен. Целото кејнзијанско здание (не нужно кејнзијанизмот) беше изградено за кратко време: неговата цел е да ја стабилизира економијата и враќање во состојба на целосна или речиси целосна вработеност. Кејнз нема многу интерес за долгорочната судбина на капитализмот. Што веројатно имплицира дека тој верувал дека капитализмот може да трае вечно, доколку редовно се поправа за да се обезбеди целосно распоредување на ресурсите. Таа поправка може да вклучува државни инвестиции или евтаназија на рентиерската класа. Кејнз не е пурист: тој е подготвен да прифати секое, дури и навидум социјалистичко решение, доколку тоа помогне да се надмине проблемот.

Дозволете ми да ја илустрирам разликата помеѓу долгите и кратките временски рамки кај Маркс и Кејнз со примерот на два концепта каде што и двајцата автори се чини дека зборуваат за истото: тоа се „животинскиот нагон“ и „армијата на резервната работна сила “. „Животинските нагони“ се, како што тоа добро се знае, е идеја воведена од Кејнз за да објасни како се донесуваат одлуките за инвестиции во капитализмот; капиталистите не се водат само од прецизна пресметка на очекуваниот профит или загуба, туку дејствуваат врз основа на внатрешно чувство („животински нагон“), а кога тоа внатрешно чувство наеднаш ќе се промени од која било причина, доведува до остри скокови или падови во побарувачката. Џоан Робинсон укажува на сличноста помеѓу таквите (во потесна смисла) ирационални инвестициски стимулации и забележувањето на Маркс дека капиталистите не само што тежнеат да го максимизираат профитот, туку секогаш настојуваат да го реинвестираат тој профит. За Маркс, капиталистите се капиталисти само ако не ја трошат остварената добивка, туку ја реинвестираат. Или, да употребиме друг познат цитат, акумулацијата е „Мојсеј и сите пророчки книги заедно“. Во двата случаи, гледаме дека стимулациите за инвестирање не доаѓаат од област која ѝ припаѓа на економијата во строга смисла, туку се резултат на ненадејни изливи на оптимизам или песимизам или нешто што би можеле да го опишеме како „капиталистички порив“. Кејнз го воведе својот концепт за да ги објасни краткорочните флуктуации; Маркс зборува за дефинирачката карактеристика на цела класа, која затоа е очигледно долгорочна.

Или земете ја „резервната армија на трудот“ која се зголемува или намалува по циклуси на економска активност, слична на цикличната невработеност која игра важна улога кај Кејнз (веројатно централна тема на „Општата теорија“). Марксовата „резервна армија“ е секогаш присутна и оттука претставува долгорочна карактеристика на капитализмот. Тоа им е потребно на капиталистите за да ја дисциплинираат работната сила. Ако резервната армија значително се намали и со тоа се намали релативната моќ на капиталистите, веднаш ќе се активираат механизми за повторно да се зголеми: на пример, преку инвестиции во технологии кои ја намалуваат потребата за работна сила. Според Марксовото толкување, резервната армија на трудот никогаш не може да исчезне. За Кејнз, од друга страна, идеалот е да се намали цикличната невработеност на нула. Капитализмот може да ја елиминира невработеноста, под услов да се управува добро. И овде временските рамки се разликуваат: онаму каде што Маркс гледа долгорочна структурна карактеристика, Кејнз гледа краткорочна пореметување на рамнотежата помеѓу клучните економски фактори.

Маркс беше првиот истражувач на основните историски карактеристики на капитализмот. Кејнз беше последниот камералист. Маркс беше историчар кој веруваше дека историјата е производ на економијата. Кејнз беше еден од најдобрите советници на владејачката класа. Ако Марксовиот „“ е Библијата на капитализмот, Кејнзовата „Општа теорија“ е „Владетелот“- прирачник за економско управување со капитализмот.

(Бранко Милановиќ е српско-американски економист познат по своите истражувања на нееднаквоста, професор на Универзитетот на Њујорк и поранешен главен економист на Светска банка. Текстот е објавен во Global inequality and more 3.0)