За Рамадани од Брвеница честа била поважна од функцијата: Одговор до Мицкоски


Хаќим Рамадани (Фото: Фејсбук)

 

Откако премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека кандидатот за градоначалник на коалицијата „Вреди“ во Брвеница, Хаќим Рамадани, прво ќе ги загуби изборите, а потоа ќе биде разрешен од позицијата директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, тој денеска му одговори дека има нешто поважно од функцијата – тоа била честа.

Во објава на Фејсбук Рамадани напиша:

„Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било јавна функција. Работев 17 години во Општина Брвеница – мултиетничка општина, каде што живеат и работат граѓани од сите заедници. Сите што ме познаваат знаат кој сум и каков човек сум. Не ме интересира што велат порталите за кликови и провокации, особено ‘Инфомакс’, кој ја започна оваа провокација за пресметки во други општини. Важно е да бидете искрени со себе, бидејќи начинот на кој медиумите го пренесуваат тоа е нешто друго. Нема да ја дадам мојата општина за никаква цена, ќе го заштитам секој жител на мојата општина, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг народ што живее во општина Брвеница“.

Гласањето во општина Брвеница стана еден од камењата за сопнување во владината коалиција, бидејќи Рамадани повика сите Албанци заедно да гласаат во вториот круг за него и да биде поразен кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Рамадани и претставник на ДУИ беа заедно во албанската дијаспора во Германија и агитираа тие да го дадат гласот за да биде победен македонскиот кандидат.