За протестот за „Монструм“ ќе има кривични и прекршочни пријави

Полицијата ќе поднесе и кривични и прекршочни пријави за учесниците на протестот во петокот, организиран за поддршка на обвинетите во случајот „Монструм“. Првиот човек на македонската полиција, Оливер Спасовски е дециден дека полицијата не постапува селективно, а одговорност мора да има за сите.
Спасовски ова го најави од собраниска говорница на дебата за измените во Законот за полиција, одговарајќи на забелешките на пратеникот Бране Петрушевски, дека во изминатиот период имало селективно постапување на полицијата кога има групирања на граѓани во услови на ковид – кризата. Како пример беше посочен Вевчанскиот карневал каде имало сериозна полициска интервенција, додека тоа не се случило и на протестот во Скопје.
„Нема ниту еден настан на кој не се делува, претпоставувам дека мислите за протестот во петокот. Секако таму има и кривични пријави, постојат и прекршочни пријави. Детално ќе информираме утре или задутре врз основа на тоа што ќе биде сработено и завршено до крај од одделот за насилен криминал и јавното обвинителството. Така што никаде нема состојба каде не се преземаат дејствија. Само се прави процена како и на кој начин да ја зачуваме состојбата на задоволително ниво и да не настанат поголеми штети. Меѓутоа одговорноста секако ќе има“, одговори Спасовски.
Протестот за „Монструм“ се одржа во петок откако во завршните зборови во повторениот судски процес обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотен затвор за теририраз за тројца обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Таа за двајца од обвинетите побара максимални затворски казни, додека за еден поради недостиг на докази, побара ослободителна пресуда.
Учесниците на протестот скандирајќи „УЧК“, побарааа меѓународната заедница да интервенира за да се обезбеди правда за случајот со петкратното убиство на Смилковското езеро, за кое што тврдат дека се гонат невини луѓе. Протестот го организираа семејствата и поддржувачи на обвинетите за петкратното убиство што се случи кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.