За новинарите веќе нема бесплатен пристап до Централниот регистар


 

Нова влада, нови правила.

Централниот регистар го запре бесплатниот пристап за новинарите до нивните податоци кои се од јавен карактер. Ваква можност се отвори со одлука на претходната влада и важеше и за Регистарот и за Агенцијата за катастар. Владата вели услугата ќе биде достапна повторно откако ќе влезе во закон.

Измената е направена со тоа што е отстранета категоријата „новинари“ од списокот на оние што можат бесплатно да добиваат податоци и кои им се потребни за нивните изтражувања. Сега се чека закон со кој треба да им се вратат можностите што ги имаа новинарите. Кога ќе се усвои тој никој не знае, иако од владата најавуваат дека тоа може да биде веднаш, до крајот на октомври.

Бесплатниот пристап на новинарите до Регистарот и катастарот беше овозможен со одлука на преходната влада на СДСМ од септември 2017 година. Сега СДСМ бара итно да се врати бесплатниот пристап.

„Одлуката на актуелната власт да го укине бесплатниот пристап на новинарите до информациите од Централниот регистар претставува директен напад врз слободата на медиумите и уште еден очигледен чекор кон намалување на транспарентноста во државата. Оваа одлука е обид да се забави работата на новинарите и да се спречи нивната брза и ефикасна истрага за теми од јавен интерес. Со ова, Владата не само што ги гуши медиумите, туку и го загрозува правото на граѓаните да бидат информирани за случувањата во земјата.

Актуелното раководство на Централниот регистар одлучи дека оваа одлука на претходната влада ‘не е во согласност со законот’, според кој бесплатен пристап имаат само корисниците на средства од Буџетот на Република Северна Македонија, но не и новинарите. Ова е неприфатливо. СДСМ најостро ја осудува оваа одлука и бара итно да се врати бесплатниот пристап на новинарите до Централниот регистар“, вели денеска СДСМ во соопштение.

Интересно е што и натаму важат бесплатните услуги за новинарите во Катастрот. Таму барањата од новинарите се прифаќаат и се одговараат бесплатно и без пречка.