За Мицкоски, имотот не е ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа е народот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека октроирано судство ја донело пресудата за конфискација на партиското седиште и други имоти низ Македонија и дека тоа го судело македонскиот народ, а не партијата.
„Денеска ја добивме првостепената пресуда. Ова партизирано октроирано судство и обвинителство решило да го суди ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, тоа не го суди ВМРО-ДПМНЕ туку го суди македонскиот народ, ја суди Македонија“, рече Мицкоски по средбата со еврокомесарот Оливер Вархеи во Охрид за пресудите во случајот „Талир 2“, не споменувајќи го Никола Груевски и шестгодишната затворска казна за него
„ВМРО-ДПМНЕ поминало многу премрежја во овие 30 години, ВМРО поминало многу премрежја во овие децении, така и ова ќе го поминеме. Имотот не е ВМРО-ДПМНЕ, имотот не е ВМРО, народот е ВМРО. Уште една се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената пречка за разнебитување на македонскиот идентитет и македонската држава од овие, би рекол, октроирани партизирани судии и обвинители на СДСМ и ДУИ. Ние ќе продолжиме да ја бараме правдата, ќе се бориме, нема да се повлечеме. Ако некој мисли дека ВМРО-ДПМНЕ оваа пресуда ќе го обесхрабри, се лаже. Ова само дополнително ќе нѐ мотивира да дојдеме до правдата и нашата борба да ја ослободиме Македонија од овие криминални политичари, да го ослободиме обвинителството и судството од закани, притисоци и од стегите, ќе продолжи“, рече Мицкоски.