За Македонците во Бугарија тамошниот попис е неупотреблив


Организациите на македонското малцинство во Бугарија излегоа со заедничка реакција на пописот што се одржа во таа држава, на кој воопшто немаше графа „Македонци“, и покрај нивните барања. Притоа тие оценија дека со оглед на начинот како се одвиваше пописот, податоците што беа собрани се неточни, пристрасни и неупотребливи.

 -Пописот е спроведен без посебна графа „македонски“ според официјалната политика на негирање на малцинството и според третманот на македонското самоопределување како отпадништво и предавство на државата. Пописот се случуваше и во атмосфера на масовна антимакедонска пропаганда, силна омраза кон Македонците, многу заладени односи и масовна кампања против Македонија и македонската нација.Пописот исто така се одржа во услови на одамна всаден страв – преку стотиците испратени во затворите и илјадниците интернирани, отпуштени или на друг начин мачени за време на комунизмот, поддржани од државната политика во последните децении, преку неказнетиот говор на омраза кон Македонците, насилство врз поединечни активисти, забрани за собири, одбивања да се регистрираат организациите и повикување на илјадници членови на македонските партии и организации на распит во полициски станици, порачуваат од македонските организации во Бугарија.

Според нив, бугарската држава не направила ништо да го намали овој страв кај овие граѓани и да им објасни на луѓето дека е нивно право да се запишуваат како што сакаат, а дека запишувањето како Македонци е дозволено и не е кривично дело.Место тоа, некои од попишувачите се расправале со преставниците на македонското малцинство или манипулирале со нив.

Со исклучок на онлајн пописот, тој на терен бил спроведен со повреди на слободата на самоопределување и на точноста на податоците. Според нивните сознанија, најчесто пописот бил спроведуван преку телефон, при што од луѓето биле барани само ПИН и матичен број, а се останато било пополнувано од попишувачите. Прашањата за националност, мајчин јазик или религијата најчесто не биле поставувани. Тие што попишувале од врата на врата, во доста случаи податоците не ги внесувале директно во пописниот картон, туку подоцна ги пополнувале. Некои луѓе не биле ниту посетени ниту контактирани во врска со пописот и останува нејасно дали се бројат, и ако да се бројат, како.  Во поретките случаи каде што пописот всушност се спроведувал на терен и картоните биле пополнувани на лице место биле забележани различни прекршоци – или не ги прашувале за националност и мајчин јазик туку автоматски ги пополнувале како бугарски, или прекинувале непосредно пред прашањето за националноста со изјава дека пописот е завршен. Ако попишаните реагирале и барале да се искажат за националноста, тие често се судирале со отпор од попишувачите, кои на еден или друг начин одбивале да ги попишат како Македонци. Притоа  наведувале дека  графата „Македонци“ не постои и затоа  треба да ги запишат како друга националност, наместо да ги запишат како „Македонци“ во колоната „други“. Во некои случаи барале лична  карта посочувајќи дека во неа не пишува дека се Македонци. Дури и кога го пополнувале прашањето за националноста според желбата на граѓанинот, било прескокнувано прашањето за јазикот, проследено со опструкции од типот дека нема таков јазик, или дека јазикот што го зборуваат не е македонски туку бугарски.

-Поради сето тоа и поради државниот став по прашањето на (не)постоење на македонското малцинство, сметаме дека  бројот на Македонците и на тие што говорат македонски јазик драстично ќе се намали, а состојбата ќе биде особено лоша кај постарите групи и помалку писмени граѓани. Затоа сметаме дека податоците од пописот се неточни, пристрасни и неупотребливи, порачуваат македонските организации во Бугарија.