За Ким Мехмети Македонците се „Славомакедонци“, а Еди Рама „сликарот“
Писателот го омаловажува Еди Рама зaшто ја внесува Албанија во Отворен Балкан и се дружи со „словенските колеги“
Балкан Забележливо е дека албанскиот политички кампус во Македонија се однесува дистанцирано од регионалната иницијатива сега официјално наречена „Отворен Балкан“. И на вклучувањето на албанскиот премиер Еди Рама во овој проект.
Рама денеска во Скопје запраша: „Зошто би требало да чекаме затворени во своите граници додека ЕУ си има свој ритам и динамика? Во моментот кога ќе се интегрираме во ЕУ практично ќе го правиме истото ова“, рече тој реплицирајќи им на критичарите во својата земја, но и во Косово и Македонија, на иницијативата со Белград и Скопје.
Писателот Ким Мехмети е еден од ретките што јавно се јави да ја осуди политиката на албанскиот премиер, обвинувајќи го Рама (кого го нарече „сликарот“) дека бил предавник на албанските интереси. Но не само што го навреди Рама, туку Македонците ги нарече „Славомакедонци“, кои без Белград биле „како дете без мајка“. И дека оваа иницијатива му служела само на таканаречениот „српски свет“. Мехмети го омаловажува Рама со квалификацијата „сликарот“, алудирајќи на тоа дека албанскиот премиер има завршено факултет по уметност.
„И како што е познато, без Белград Славомакедонците се чувствуваат како дете без мајката што го родила и му згрешила ама се поставува логичното прашање: што е тоа што Албанија ја прави поблиска до Србија отколку до Косово? Братството меѓу сликарот и српскиот претседател е резултат на заедничкиот проблем што Рама и Вучиќ го имаат со ЕУ и се плашат од неа – проблемот со законите и со желбата нивните држави да останат крави хранети од сите ама молзени само од нив двајцата! Но, како и да е, мора да се признае дека сликарот никогаш подобро тоа не го крие кога се дружи со неговите словенски колеги. Тогаш јасно гледа карактеристиката на која можете да завидувате, не го интересираат критиките на Албанците и целосно ја живее сопствената политичка слобода. Како што живеат само оние на кои им недостасува чувство на срам“, пишува Мехмети на Фејсбук.
И додава:
„Сѐ наликува на времињата кога албанските лидери се гордееа кога им ги бакнуваа чевлите на српските кралеви а бесрамно му плукаа во раката на братот Албанец“.
Ова не се нови ставови на Ким Мехмети. Лани во декември во интервју за бугарскиот медиум „Бгнес“ тој изјави дека без оглед што Македонија добила независност, тааостанала во канџите на Србија и дека Белград, а не Скопје, е вистинскиот главен град. И дека албанскиот премиер Еди Рама е со „српски ум“. Тој тогаш уште тврдеше дека „по војната стотици илјади православни Албанци во Македонија беа преобразени во Македонци“.