За Катица Јанева ќе се гласа по изборите

Власта чекор по чекор се осигурува дека ќе има двотретинско мнозинство за законот со кој се решава статусот на Специјалното јавно обвинителство дури и ако не биде постигнат договор со опозицијата за иднината на Катица Јанева и нејзиниот тим. Премиерот Зоран Заев се сретна со лидерите на албанските опозициски партии Зијадин Села и Билал Касами, кои начелно даваат поддршка за новиот закон, иако поставуваат свои услови и забелешки. Главните играчи, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, вчеравечер имаа трета (повторно неуспешна) рунда преговори во обид да се договорат за шеесетината амандмани што најголемата опозициска партија ги поднесе во вторникот.

Виси препораката за преговори

Првичната идеја да се постигне консензус до почетокот на кампањата за претседателските избори, веројатно, нема да биде исполнета, но останува можноста собраниската седница за СЈО да се закаже и додека трае ловот по гласови за Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река. Сепак, парламентарниот спикер Талат Џафери не сака да им го дозволи тоа задоволство на партиите и на пратениците, како што вели, да тераат кампања од собраниската говорница.

„Формално, постои можност да свикам седница и во април, но нема да дозволам нејзина злоупотреба. Ако партиите ги надминат разликите, нема проблем да ја закажам и на 6 мај, односно по завршувањето на изборите. Одлуката за старт на преговорите со Европската Унија ќе биде донесена во јуни“, рече Џафери.

Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска повтори дека решавањето на статутот на СЈО е еден од условите за позитивна оценка од Брисел. По вчерашната средба со лидерите на Алијансата на Албанците и Беса, таа изјави оти Села и Касами изразиле поддршка за опстојување на СЈО како посебен орган во рамки на Јавното обвинителство кое ќе има ефикасни надлежности.

„Во делот на начинот на користење на снимките како доказни средства, ќе има дополнителни консултации“, рече Дескоска.

Села истакна дека СЈО треба да продолжи со работа, иако не ги исполнило очекувањата, бидејќи досега единствено бил осуден претставник на албанската опозиција во земјава. Тој рече дека СЈО треба да продолжи автономно со работа и побара да се интервенира во законот во однос на роковите за покренување на истраги.

„Подготвени сме да дадеме поддршка за ваков предлог. Нормално, во истиот закон треба да се интервенира во поглед на тоа дека предмети за кои СЈО оценува дека не се во нивна надлежност, не треба да останат по фиоките, туку истите да ги процесираат до Јавното обвинителство за секој вид криминал и корупција да биде доследно до крај проследен и да има казни за истите“, вели Села.

Предлог за формирање специјално судство

Алијансата предлага и формирање специјално судство, по примерот на Украина, што ќе се занимава исклучиво со предметите од СЈО. На законскиот предлог на Владата, имаат забелешка во насока на оневозможување на политизирање и партизирање на судството, а тоа е со закон да се санкционира секој бивш или сегашен функционер на владата да нема право да биде член на Советот на обвинители и на Советот за судии. За прислушуваните материјали смета дека треба да се користат како материјални докази и во иднина, но и со закон да се санкционира тие да бидат објавени за да бидат достапни на граѓаните.

„Тие што се заинтересирани да не профункционира правната држава се чинителите на бившиот режим“, заклучи Села.

Касами, пак, изјави дека БЕСА е за продолжување на мандатот на СЈО до завршување на сите случаи.

„Нагласивме и дека прислушуваните материјали треба да останат валидни и да ги заклучиме сите случаи што произлегуваат од следењето на комуникациите. Ги дадовме нашите предлози и очекуваме да се прифатат како амандмани. Сакаме ‘бомбите’ да бидат искористени како докази“, рече Касами.

Во ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистираат СЈО да биде само одделение во рамките на Основното јавно обвинителство, а сите случаи што сега се во суд, независно во која фаза, а се преземени после јуни 2017 година (датум после кој, според одлуката на Врховен суд, СЈО не смее да покренува обвиненија) – да се затворат. Потоа, доколку треба, целата постапка да почне одново, но доказите од „бомбите“ да не може да се користат. На крајот, Специјалното обвинителство да нема свој буџет, односно специјалните обвинители да имаат ист статус како и нивните колеги од обичното обвинителство.

„Сите пораки што ги добиваме од ЕУ покажуваат дека СЈО треба да биде посебно обвинителство во системот на јавно обвинителство, значи не нивно претопување. Јас очекувам во ВМРО-ДПМНЕ да ги имаат предвид и укажувањата што од страна на амбасадорот на ЕУ, со цел да создадеме решение кое ќе добие позитивна оценка од Брисел, и ќе биде компатибилно со европските препораки“, одговори министерката Дескоска.

Таа посочи дека во однос на користењето материјали во законот е направено разликување на предметите кои се покренати во рокот од 18 месеци, а во другиот период аудиоснимките ќе се обработуваат и ќе се користат како докази и ќе се оди на суд.

„Кој било предлог или амандман што е доставен и кој бара затворање на сите предмети после првите 18 месеци е нешто што не може да биде прифатено“, децидна е министерката.

Со амандманите ВМРО-ДПМНЕ бара формирање комисија за да истражи како досега се потрошени 15 милиони евра наменети за СЈО бидејќи имале индиции дека некои од нив не биле трошени законски.

Горан Адамовски