(Видео) За какви услови е подготвена полската болница во кругот на Клинички?


Фото: Б. Грданоски

Мобилната болница поставена во близина на Универзитетската Клиника за инфективни болести е подготвена да прими пациенти со корона вирус. Во неа, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе има 130 кревети.

Во нејзиното поставување, што траеше неполни седум дена, беа вклучени Град Скопје, Министерството за здравство и Министерството за одбрана.

Локацијата каде што е поставена мобилната болница денеска ќе ја посетат заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Фото: Б. Грданоски

– Мобилната болница треба да го надополни капацитетот, тоа е болница која ја користи Армијата. Имавме интензивна комуникација со министерката за одбрана и целосно излегоа во пресрет од Армијата, а понатаму градот Скопје што го обезбеди просторот каде таа ќе биде сместена. Сметаме дека треба да биде блиску и да се надополни капацитетот на Инфективната клиника, зашто тука е и експертизата и тука е и можноста да ротираат тимовите. Значи ќе има врски со Клиниката, ќе има и соодветни услови, тоалети, тушеви и кревети, истакна пред неколку дена Филипче.

Мобилната болница е поставена на просторот, каде што беа бараките на поранешниот студентски дом „Медицинар“, кои Град Скопје ги урна и го уреди просторот.

Фото: Б. Грданоски

Здравствениот систем, како што соопшти Министерството за здравство, е подготвен да прими и поголем број пациенти од тие кои сега се третираат во болниците, како и за пикот на корона вирусот во државава, што според проценките се очекува на крајот на месецов. На располагање се повеќе од 1.000 болнички кревети за хоспитализирање на пациенти со корона вирус и тоа во Клиниката за инфективни болести со дополнителните капацитети, ГОБ „8 Септември“, инфективните одделенија во Штип, Гостивар и Велес, Институтот за белодробни заболувања во Козле, депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.

Фото: Б. Грданоски

Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со корона вирус располага со 250 болнички кревети, а со близу 400 кревети располага ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 59 пациенти, што претставува една четвртина од расположливите капацитети само на оваа локација, што значи дека овие институции располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти по инфективна медицина и обучен медицински персонал.

Моделот на третман и лекување на тешките и средно тешките пациенти во институции каде има специјалисти по инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување е модел на пристап кон пациентите со корона вирус што се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја, потенцираат од Министерството за здравство.

Фото: Б. Грданоски

Сепак, денеска министрите и градоначалникот Шилегов, треба да објаснат каков е квалитетот на шаторите кои се поставени и кои треба да ја вршат улогата на полска болница во наредниот период.

Деновиве, кога заврна снег во Скопје, се проширија фотографии од болницата, каде шаторите се пропаднати, а низ нив ќе треба да се движат медицински лица и да лежат болни.

Дали тие ги исполнуваат критериумите за безбедност и за какви услови се наменети, треба да одговорат надлежните денеска.

Градоначалникот Шилегов вчера им одговори на сите оние кои забележаа дека полската болница не го издржала ни пролетниот снег: Драги “душегрижници”, болницата која што заеднички ја подигнаа Министерството за Одбрана, Министерството за Здравство и Град Скопје, како што гледате е во совршено добра состојба. Денес се зацврстија и последните два шатори (така помпезно опишани дека пропаднале), се прави приклучокот на електрична енергија и ќе биде пуштено и греењето.

Искрено се надевам дека нема да има потреба да се користи овој капацитет, напиша Шилегов.