Месечината над црквата „Св. Недела“ во Битола објавена во „Гардијан“


Фотографија од супермесечината над Битола се најде во фотогалеријата на британскиот весник „Гардијан“, посветена на небесниот феномен што беше видлив на 24 ноември во различни делови на светот.

На фотографијата, направена од Ѓорѓи Личовски за Европската новинска агенција (EPA), Месечината се издигнува зад крстот на црквата „Св. Недела“ во Битола, создавајќи впечатлива глетка.

„Гардијан“ ја објави фотографијата во галеријата „The beaver supermoon glows across the globe – in pictures“, во која се прикажани снимки од супермесечината во градови како Њујорк, Рим, Атина, Франкфурт, Лондон и Салцбург.

Оваа месечина се смета за најголемата супермесечина во годината. Феноменот се случува кога полната Месечина се наоѓа во близина на перигејот, односно точката во нејзината орбита најблиска до Земјата, поради што изгледа поголема и посветла од вообичаено.

Фотографијата од Битола е меѓу 17-те фотографии во галеријата на британскиот весник.

Ѓорѓи Личовски е еден од најискусните македонски фоторепортери, со кариера што започна во 1991 година како фотограф на Европската прес-агенција (ЕПА). Работеше во медиумите „Нова Македонија“, „Вест“ и „Сакам да кажам“, а неговите фотографии ја документираат политиката, секојдневието, природата и значајните моменти од животот.

За фотографијата „Ловец на метеори“, објавена во германскиот магазин „Штерн“, во 2025 година ја доби наградата „Никола Младенов“ за најдобра репортерска фотографија. Неговата работа е препознаена и со меѓународни награди, меѓу кои бронзен медал на германската Академија Лид и златен медал на кинескиот натпревар CHIPP.