За иднината на скулптурата на Мајка Тереза ќе одлучи стручната јавност на општа дебата


Фото: Б. Грданоски

 

За споменичната скулптура посветена на Мајка Тереза чија градба со години е стопирана и го блокира влезот на плоштадот Македонија ќе се распише конкурс со цел стручната јавност да предложи прифатливо решение за овој простор.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска вчера за неа не изјави ниту дека ќе се догради, ниту дека ќе се урне.

–Решението за иднината на овој објект, всушност, се бара да биде понудено од стручната фела имајќи ги предвид можностите за пренамена во согласност со урбанистичката планска документација за предвидената парцела, појаснуваат од Министерството за култура.

Објектот „скулптурна композиција“ согласно Договорот за градба почна да се гради во 2015 година. Вредноста на основниот договор изнесува 342.223.925,00 денари, а вредноста на анекс-договорот е во висина од 798.308,48 денари. Вкупната сума за објектот е 343.022.233,48 денари. Договорот за изградба на скулптурната композиција е прекинат во 2017 година.

Овој објект е легален со Одобрение за градење со број 13794/5, КО „Центар 1″ во Скопје. Имајќи го предвид тој факт, како и долгогодишната грда слика на плоштадот „Македонија” со нерешената иднина на објектот, се залагаме за општа дебата и  учество на стручната јавност за модерно урбанистичко решение во строгиот центар на Скопје“, соопштуваат од Министерството за култура.

Овој импозантен, но затскриен споменик на Мајка Тереза требаше да биде донација од фирмата „Сахара Индија“, на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, кој пред десетина години имаше интензивни контакти со тогашниот премиер Никола Груевски, но во меѓувреме отиде во затвор поради измама, па Владата на Груевски, преку Министерството за култура, мораше да го преземе проектот.