За една недела приватните превозници се враќаат на скопските улици


Фото: Б. Грданоски

За една недела скопјани може да ги очекуваат автобусите на приватните превозници да се вклучат во градскиот сообраќај во Скопје и по повеќе месеци, може конечно, навреме ќе стигнат на работа.

Возилата на приватните превозници, кои се пријавија на последниот конкурс на Градот, се на технички проверки во ЈСП, се проверува наплатниот систем и состојбата на возилата, кои потоа треба да се вклучат во сообраќај.

На четвртиот јавен повик се бараа превозници за три пакети линии. Во првиот пакет беа линиите со броевите „23“, „45“, „61“, „63“ и „73“, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на линиите „9“, „11“, „11а“, „12“, „47а“ и „55“, за чие опслужување се потребни се најмалку 39 автобуси и 83 возачи. Во третиот пакет беа опфатени линиите „19“, „20“, „22“, „52“ и „54“, за чие опслужување се потребни најмалку 41 автобус и 87 возачи.

Како што појасни градоначалничката Данела Арсовска на денешниот брифинг со новинарите, на улиците на Скопје дневно има по осумдесетина возила на приватни превозници, иако тие располагаат со повеќе од 200 автобуси, но тие се чуваат за резерва.

Скопјани мака мачат со јавниот превоз откако минатата година најпрво штрајкуваа возачите на ЈСП, а потоа и приватните превозници, на кои им беше раскинат договорот.