За две недели треба да стигне терапија за лекување на Ковид-19


 За оваа болест за жал се уште нема терапија освен една што за период од околу две недели ќе стигне во нашата земја, а тоа е она специфично антитело што е наменето специјално за оваа болест заради тоа што се врзува таргетирано токму за вирусот, најави  денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со смртноста од Ковид-19, рече дека има земји кои имаат поголема смртност од нашата, дури и во некои земји во регионот Бугарија, Босна, Словенија, итн.

– Во секој случај секогаш кога има нов бран и зголемен број на случаи на новодијагностицирани се случува да расте и смртноста. Ние не сме исклучок, тоа е буквално правило насекаде. Тоа што можам одговорно да го кажам е дека во консултација и координација на сите директори, експерти, инфектолози, специјалисти по интерна медицина им се пристапува на сите пациенти максимално професионално, се дава се што треба во однос на терпаевтскиот пристап што е унифициран и се темели на принципите на лекување што владее буквално во сите земји во светот, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по пристигнувањето на 20.000 вакцини „Спутник“.

Премиерот Зоран Заев, пак, најави дека се очекува во текот на овој месец да стигнат првите 20-25 илјади од вкупно 100.000 вакцини од Европската унија и сите 200.000 вакцини од Кина, како и следните количини од „Спутник В“ и вакцините од „Фајзер“, од кои имаме нарачано 800.000. Ќе се набават и дополнителни 500 илјади од втората кинеска вакцина „Синовак“, со што ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини, за 1,3 милиони граѓани.

–  Со се поголемиот интерес на граѓаните веруваме дека ќе стигнеме до милион и триста вакцинирани граѓани. Многу е важно да ги покриеме сите тие периоди, за континуитет на целата вакцинација, од прва и втора компонента. Има дел од вакцините кои што се примаат како втора компонента меѓу осум и 12 недели, како што е „Астра Зенека“, а другиот дел се две до три недели, рече Заев.За сите нарачани вакцини, посочи Заев, се обезбедени финансиски средства.

–  Дел се плаќаат од Буџетот, дел се од донацијата од ЕУ, а дел се кредитот на Светска банка, кој го имаме обезбедено. Доколку има потреба од дополнителни финансиски средства со ребалансот на Буџетот ќе ги проектираме, рече Заев.

Во однос на процесот на имунизација во салата „Борис Трајковски“, министерот за здравство Венко Филипче, рече дека вчерашниот ден поминал прилично успешно и без проблеми.

–  Приметивме дека околу 20 проценти од веќе закажаните не се јавија за вакцинирање. Вакцината „Спутник В“ е нешто специфична, после отворањето има два часа да се аплицира целата содржина од вијалата, која содржи десет дози. Согласно тоа, сметаме дека е идеално да биде на едно место и затоа вакцинирањето ќе почне во салата „Борис Трајковски“, изјави Филипче.

Вакцинирањето, посочи Филипче, ќе биде организирано преку закажување на системот „Мој Термин“ и директно во институциите со кои комуницираат, за вработените во МВР, дел од Армијата, судовите, обвинителството, вработените на патарина, царина и УЈП, возачите во јавен транспорт…