За две години скопјани бесплатно ќе се возат во автобусите на ЈСП, а претпријатието е во долгови


Фото: Б. Грданоски

За две години од сега скопјани бесплатно ќе се возат во автобусите на ЈСП, ветува градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Како што појасни на брифинг со новинарите денеска, овој ветен проект од кампањата ќе може да се реализира откако ќе се елиминираат долговите на ЈСП, претпријатие кое е во голема загуба.

Според новиот директор на ЈСП, Иван Илиевски, можно е да се реализира ваков проект, затоа што приходите на претпријатието од продажба на билети е околу 200.000 денари дневно, но и тие пари не знае каде се. Тој не сакаше да шпекулира каде се слеваат средствата од продажба на билети, затоа што само два дена е директор на претпријатието и во моментот истражуваат што се случува.

– Наутро, за да функционира јавниот сообраќај во градот, треба да тргнат 270 автобуси, но тргнуваат 250, затоа што дваесетина редовно не може да ги покренеме поради некаков дефект – појасни Илиевски. Вели дека ЈСП поседува 380 автобуси, од кои 100 се нефункционални, во постојан дефект.

Дополнително, планира да се зголеми обемот на услуги, односно почесто да сообраќаат автобуси на одредени линии, за да не се ствара метеж во нив, како и да воведат линии, за подалечните населби во Скопје, кои според Арсовска се заборавени.

Арсовска најави дека ќе се воведат и ноќните линии, со што граѓаните на Скопје би можеле да се возат со јавен транспорт во секое време.

– За БРТ превозот нема одлука од Советот на Град Скопје. Тоа е неизводлив проект бидејќи ќе ја  загрози водоводната мрежа. Еден автобус ќе чини одолу 300 илјади евра, за почеток ќе донесеме 150 автобуси, a ќе побараме грантови за да ги купиме автобусите – рече Арсовска.

Од новите автобуси што ги набави претходната власт на ЦНГ гас, само дваесетина се во функција, додека другите или се во дефект поради тоа што учествувале во сообраќајка или пак едноставно, невозможно е да наполнат гориво.

– Овие автобуси, гас полнат на бензинската на „Макпетрол“ на „Партизанска“, па неизводливо е да се постават на други линии. Планираме во базата на ЈСП во Ѓорче Петров да направиме бензинска станица за гас, од каде автобусите би можеле да точат гориво – вели Илиевски.

Претпријатието е во долгови, од кој кредитот за последните 33 автобуси на гас, почнува да се исплаќа сега од Нова година. Приходите се околу два милиони евра, а трошоците надминуваат три милиони евра. Јавното сообраќајно претпријатие не може самостојно да ги подмирува своите трошоци, па за тоа се потребни пари кои Градот ги префрла на претпријатието, а кои сега, според градоначалничката изнесуваат околу 12,5 милиони евра.

Арсовска се осврна и на вкупниот долг на Град Скопје, кој според неа изнесува повеќе од 50 милиони евра.