За ДУИ одлуката за советниците на Уставниот суд е скандалозна


Одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката на Владата за намалување на бројот на советници во одредени општини наиде на жестоки критики од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Ставот на опозициската партија, дека станува збор за уште една скандалозна одлука на Уставниот суд попладнево го пренесе потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, на вонредна прес-конференција пред зградата во која се наоѓаат просториите на судот, а на која беа присутни повеќемина поддржувачи и членови на партијата. Како што наведе тој, Уставниот суд денеска одлучил да ја потврди одлуката на Владата за намалување на бројот на советници особено во оние општини каде што мнозинството жители се Албанци.

„Денеска Уставниот суд уште еднаш потврди дека е параполитичка институција која работи по партиски диктат, која има за цел да реализира една опасна идеолошка платформа против своите сограѓани, во овој случај против своите сограѓани Албанци“, рече Адеми.

Говорејќи за одлуката за која Уставниот суд денеска не поведе постапка, потпретседателот на ДУИ рече дека таа е противуставна и спротивна на Законот за локална самоуправа, во кој, како што наведе, јасно и експлицитно се вели дека бројот на советници во општините се определува во зависност од бројот на жители во општината.

„Законот за локална самоуправа вели бројот на жители, не вели резидентни или нерезидентни. Така било досега, ова е старо законско решение, а оваа одлука е нова одлука на оваа Влада, откако оваа Влада дојде на власт. Од септември 2024 година е оваа одлука. А денеска Уставниот суд ја потврди оваа противуставна и противзаконска одлука на Владата“, рече тој.

За да биде иронијата уште поголема, Уставниот суд, како што кажа Адеми, денеска одлучил спротивно на својата одлука со која ги укина деловите од Методологијата за пописот во 2021 година кои се однесуваа на категоризација на населението на „резидентно“ и „нерезидетно“.

„Таква категоризација не може да се земе предвид за било какви други правни решенија и било какви други политики. А, одлуката на Владата за која Уставниот суд смета дека е во ред се базира само на бројот на резидентни жители, а законот е јасен, законот зборува за жители“, рече потпретседателот на ДУИ.

Тој уште еднаш повтори дека актуелната Влада целосно го инструментализирала Уставниот суд и во тој контекст додаде дека на извршната власт „не ѝ е гајле“ за правната рамка, туку има намера да води моноетничка агенда.

Адеми излезе и со тврдење дека при денешното одлучување во Уставниот суд имало етничка мајоризација, односно дека судиите Македонци ги надгласале своите колеги од другите етнички заедници, односно дека резултатот од гласањето бил пет спрема три.

„Пет судии Македонци биле на една страна против двајца судии Албанци и еден судија Турчин кои биле против донесување на оваа одлука. Тие сносат одговорност за целата оваа поларизација што ни се случува во нашата држава, а сите ние тука што сме собрани во голем број сме за унитарна, еднаква и заедничка Македонија. Но, по се изгледа дека овие органи и институции кои треба да бидат независни имаат друга агенда, да креираат тензии и да не прашуваат ниту за Устав, ниту за закони, ниту за правилници, ниту за било какви одредби“, изјави потпретседателот на ДУИ.