За девет месеци добивка од 68,4 милиони евра – Комерцијална банка останува лидер на пазарот


Комерцијална банка АД Скопје останува лидер на банкарскиот пазар во Македонија, според резултатите во првите девет месеци од годинава кога оствари позитивен финансиски резултат (добивка) од 4.204,8 милиони денари (околу 68,4 милиони евра). Во овој период вкупните оперативни приходи достигнаа 6,59 милијарди денари, што претставува зголемување од 2,1 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Приходите од провизии и надоместоци продолжија да забележат значаен придонес во структурата на приходите на банката. Добивката е за 1,1 отсто пониска од истиот период минатата година, кога изнесуваше 69,1 милион евра, но остварениот профит за деветте месеци е над планираниот за 11,1 отсто.

Како што се посочува во образложението на резултатите, намалувањето (на профитот) главно е резултат на помалку реализирани останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот), додека приходите од редовно работење (нето-приходите од камати, провизии и курсни разлики) се зголемени.

Дополнително, во извештајниот период пораст забележаа вкупните расходи од работењето и исправката на вредност на нето-основа.

И покрај тоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 0,9 % повисока во однос на истиот период минатата година, наведуваат од банката.

Особено значајно е што позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на натамошна геополитичка неизвесност при што домашниот економски амбиент се одликуваше со продолжување на економскиот раст, променлива инфлација и претпазлива монетарна политика. Домашната инфлација во првото полугодие забележа раст од 4,1 % (кумулативно за периодот), поради што Народната банка ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п. и истата достигна 4,25 %.

За периодот јануари-септември инфлацијата достигна 3,6 %, но и натаму остана над таргетираното ниво од 2,0 %.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 6.588,1 милион денари и бележат зголемување од 2,1 % во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите се зголемени за 3,8 % во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 105,3 %.

Приходите по основ на камата бележат зголемување за 4,2 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата остварени од секторот држава поради зголемените пласмани во државни хартии од вредност. Пораст бележат и приходите од камата од домаќинствата и од нефинансиските друштва како резултат на зголемено кредитирање.

Расходите по основ на камата бележат зголемување од 6,9 % поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година.

Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,58 % на крајот од третиот квартал од минатата година, на 3,46 % на 30.09.2026 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2026 година изнесуваат 1.103,1 милион денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 21,9 %, во најголем дел поради зголемените остварени приходи од провизии и надомести, при истовремено намалување на расходите.

Во извештајниот период Банката забележа зголемен обем на работење со клиентите во повеќето деловни активности, во услови на извршени намалувања на надоместоците од доменот на платежните услуги во земјата. Планот за анализираниот период е остварен со 122,6 %. Нето-приходите од курсни разлики на 30.09.2026 година изнесуваат 332,7 милиони денари и бележат зголемување од 2,7 % во однос на истиот период минатата година, додека Планот за анализираниот период е остварен со 121,8 %

Во однос на оперативните расходи, се вели дека изнесуваат 1.879,3 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 5,2 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемените трошоци за софтверски лиценци, како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 84,1 %.

Вкупната пасива на Банката на 30.09.2026 година достигна износ од 199.813,1 милион денари и во однос на декември 2025 година бележи зголемување од 3,8 %. Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 170.276,1 милион денари и бележат зголемување од 3,3 % во однос на декември 2025 година, во најголем обем како резултат на зголемените депозити на нефинансиските друштва и домаќинствата. Планот е остварен со 99,7 %.

Обврските по кредити изнесуваат 3.397,2 милиони денари и во однос на декември 2025 година се намалени за 0,1 % како резултат на повисокиот износ на редовни отплати во однос на новите повлекувања од кредитните линии.

Во извештајниот период се повлечени средства од кредитната линија на РБСМ (таканаречениот Унгарски кредит), наменета за компании, и од кредитната линија на EBRD GFF (Green Finance Facility), наменета за финансирање проекти коишто овозможуваат поттикнување инвестиции на МСП во високи технологии и услуги коишто ја подржуваат зелената економија во РСМ. Планот е остварен со 99,2 %.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2026 година достигнаа износ од 24.222,5 милиони денари и во однос на декември 2025 година бележат зголемување од 5,0 % како резултат на зголемените останати резерви согласно Одлуката за употреба и распоредување на нераспределената добивка од 2025 година усвоена на Собранието на акционери одржано на 27.03.2026 година, при што 1.600,6 милиони денари се прераспределени во резервен фонд на Банката и 400 милиони денари се распределени во задржана добивка за инвестициски вложувања.

Зголемувањето кај вкупната актива во најголем обем се должи на зголемените кредити на комитенти, зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити на и побарувања од банки. Планот е остварен со 100,0 %.

Во однос на очекувањата за наредниот период, се посочува дека до крајот на 2026 година банкарскиот систем ќе продолжи да обезбедува кредитна поддршка во услови на заострени регулаторни барања (зголемување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, заострени макропрудентни показатели, зголемени обврски и стапки на задолжителната резерва во денари и во девизи, имплементација на регулативата за исполнување на минималната стапка на сопствени средства и минимални обврски и нова оперативна рамка на монетарната политика).

Во септември 2026 година кредитната активност порасна за 14,1 % на годишно ниво, при што кредитирањето на домаќинствата се зголеми за 12,7 %, а кредитирањето на нефинансиските друштва за 15,7 %. Вкупните депозити беа повисоки за 9,2 % на годишно ниво, одразувајќи раст кај депозитите на домаќинствата од 9,2 % и кај корпоративните депозити од 8,6 %.

За периодот 2026 – 2028 година проекциите на кредитниот раст се предвидени со релативно помала динамика, или 7,3 %, во просек, додека растот на вкупните депозити е проектиран со просек од околу 7,6 % годишно.

Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и на изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со новата регулатива за заштита на потрошувачите, регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл., се вели во образложението на Комерцијална банка за работењето во првите девет месеци од годинава.