За Бугарите, Унгарците и Словаците Путин не е виновен за војната во Украина
Речиси половина од испитаниците во Унгарија, Бугарија и Словачка сè уште не ја гледаат Русија како првенствено одговорна страна за војната во Украина, покажа новото истражување на Институтот ГЛОБСЕК.
Резултатите од истражувањето беа објавени денеска, додека во Братислава се одржува форумот ГЛОБСЕК 2022.
Истражувањето, кое Институтот ГЛОБСЕК редовно го спроведува во девет земји од Централна и Источна Европа, годинава се фокусираше на Украина и едно од прашањата беше: „Кој мислите дека е одговорен за војната во Украина?“.
Само 51 отсто од Словаците, 50 отсто од Бугарите и 48 отсто од Унгарците одговорноста за војната ѝ ја припишуваат на Русија.
Овие проценти се далеку под оние во другите земји од Централна и Источна Европа. Во Летонија, следната на листата со најмал процент, Кремљ е обвинет за инвазијата од61 отсто од испитаниците.
Многумина во Словачка (28 отсто) и Бугарија (26 отсто) го обвинуваат „Западот што ја испровоцира Русија“, а 18 отсто во Унгарија.
Во Унгарија, мнозинството (18 проценти) од оние кои избраа „Украина која угнетуваше дел од населението што зборува руски“ како одговор на прашањето кој е одговорен за војната, објави „Еурактив“.
Пред војната, Будимпешта и Киев беа во спор околу правата на малцинствата, поточно правото на образование на нивниот мајчин јазик, откако украинскиот парламент во 2017 година усвои закон „за обезбедување на функционирање на украинскиот јазик како официјален јазик“.
Наративи кои укажуваат дека Западот е виновен за настаните во Украина беа присутни уште пред војната. Така, во јануари 44% од Словаците веруваа дека САД и НАТО се одговорни за подигање на тензиите во Украина.
„Извртениот поглед на одредени делови од населението за настаните во Украина, во комбинација со претстојните економски тешкотии, може да ги остави овие ранливи групи како потенцијални цели на популистички и автократски лидери“, заклучува независниот институт со седиште во Братислава.
Истражувањето на институтот ГЛОБСЕК беше спроведено во текот на март и април.