За богатството околу Груби и „децата на Груевски и Мијалков“- жешко на пратеничките прашања

Премиерот Ковачевски оцени дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, изигрува „Глупи Август“ затоа што сака да скрие дека порано бил член на СДСМ


Фото. Б. Грданоски

 

Денешната седница за пратенички прашања се претвори во жесток мегдан меѓу опозицијата и власта која на моменти излегуваше од вообичаената политичка острина и влегуваше во полето на лични навреди.

Од синтагмите „криминалци“, „деца на Никола Груевски и Сашо Мијалков“, „пион“, „кралица“ и „Глупи Август“ поттикнати од прашањата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, ситуацијата зовре толку што на говорниците дури и им беше тешко да ја надвикуваат вревата во салата.

Лефков го праша премиерот Димитар Ковачевски зошто молчи за богатството што наводно се трупа кое се трупа околу првиот вицепремиер Артан Груби. „Како блиски луѓе на Груби добиваат акредитации за лабораторија? Како братот на Груби купува дуќан од половина милион евра кога негова фирма четири години работи со загуба? Кое е потеклото на парите? Како бирото за метрологија набавува мобилна лабораторија три пати поскапо кога е водено од директорка блиска на Артан Груби? Како грдни пари за хонорари се одлеваат од министерството предводено од Груби“, запраша Лефков, повторувајќи ги работите што претходно неговата партија ги наведуваше во соопштенија.

Ковачевски не одговори, туку тоа му го препушти на Груби. Тој беше прилично жесток велејќи им уште еднаш на вмровските пратеници дека се деца на Сашо Мијалков и Никола Груевски.

„Драг премиере, ‘лоповот’ мисли дека сите се ‘лопови’. Клептоманот сите ги гледа како клептомани. Децата на Сашо Мијалков и на Никола Груевски знаат најдобро каде е медот за да ги вметнат рачињата“, рече Груби. Тој тврдеше дека неговиот брат 20 години работи во приватен бизнис со кој немал никаква допирна точка. „Договорот е пет пати помал од тој што го кажавте, со хипотекарен кредит на 20 години со физичко лице. Зборувате за тендери кој го има објавено амбасадорот на Европската унија и е спроведен од ЕУ. Од ЕУ е купена опремата и ја има донирано на Бирото за метрологија. Вие само што го обвинивте амбасадорот на ЕУ“, нагласи тој.

„Сашо Мијалков и Никола Груевски ви се татковци и се колнете во нив“, рече на крај Груби и порача дека фотографиите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се со „празен калашников играчка“.

Откако Лефков потоа рече дека со настапот на вицепремиерот се видело оти Ковачевски бил пион на Груби и се докажало кој ја води владата, премиерот остро одговори. Тој му порача на Миле Лефков дека негови „идеолошки татковци биле Зоран Заев, Владо Бучковски и Радмила Шекеринска, затоа што ти тогаш беше член на СДСМ. А сега изигруваш Глупи Август“ во обидот да се прикаже голем вмровец.  И уште во шаховски речник додаде дека „пионот може да стане кралица, но коњот секогаш останува коњ“. (Н.В.)