За архитектите, конфискација на дивоградби е психолошки момент, Лога и Бочварски ќе се запознаат со проблемот


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, Иницијативата, нелегалните објекти наместо да се рушаат да се вратат во служба на граѓаните, ќе ја презентира пред ресорните министри за правда и транспорт и врски. Утре Герасимовски ќе се сретне со министерот за правда Кренер Лога, а во понеделник ќе оствари средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Министрите од градоначалникот Герасимовски ќе се запознаат со причините и потребите Иницијативата да се имплементира во законски решенија, бидејќи истата е нужна не само за општина Центар туку и на сите општини во државата.  

Целта на Иницијативата е да најде и произведе решение и можност безправно изградените објекти, наместо да се рушат како што налагаат досегашните законски норми, истите да се пренаменат во функција на општината.

– Според постоечкиот закон на нелегалните објекти со динамит им се рушат потпорните ѕидови по што останува грда слика на просторот. Такви дивоградби во општината има неколку. Колку за илустрација за една градба на Водно потребни се 5 милиони денари за уривање, но само онеспособување, а не целосно отстранување на нелегалниот објект. Затоа со оваа Иницијатива ќе се штеди буџетот на Општината но и ќе се добијат нови објекти кои може понатаму да бидат пренаменети за различни цели и намени од кои полза ќе имаат граѓаните – изјави Герасимовски претходно за медиумите.

Герасимовски побара средби со Бочварски и Лога, бидејќи двата закони во кои треба да се интервенира доколку се прифати Иницијативата како предлагачи се јавуваат двете министерства. Станува збор за Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка за кој како предлагач на законски измени е министерството за правда и Законот за постапување со бесправно изградени објекти, за кој како предлагач на законски измени е министерството за транспорт и врски.

На седница на ЗЕЛС во Валандово Герасимовски по презентација на Иницијативата доби широка поддршка од градоначалниците. Примената на Иницијативата и според колегите градоначалници е неопходна, бидејќи безправните објекти се проблем кој го црпи буџетот во секоја општина. 

Герасимовски на широка дискусија ќе ги покани и скопските градоначалници со цел заедничко дејствување за општините по конфискацијата на дивоградбите истите да ги пренаменат и да ги искористат за потребите на граѓаните.

Фото: Б. Грданоски

Што велат архитектите?

Истакнува дека со ваквата одлука не се решава урбанистичкиот хаос. Тврди дека тоа е мерка за заплашување за идните инвеститори кои што се осмелуваат бесправно да градат.

-Самото име кажува дека нема статус, нешто што не е правно. За да биде правно треба да помине низ процес на стручна обработка. За да добие легитимитет, сите аспекти треба да бидат покриени за да може да опстане. Еден најобичен пример: Ако некоја дивоградба е на траса на сообраќајница, вие и да ја конфискувате, не можете да го користите затоа што морате да го урнете кога ќе се гради сообраќајницата. Има многу такви примери, порачува Павлоска.

Архитектката појаснува дека сите овие закони за бесправни градби, како легализација и различни имиња на закони, се всушност увид во она што се прави бесправно, затоа што самите сопственици ги пријавуваат своите објекти и таквиот преглед им користи на Катастар, на државните институции и оние што се занимаваат со студии.

-Тоа е вредноста на таквото нешто, инакува бесправната градба само така легализирана, не е суштински легализирана. Таа му пречи на системот. Ако викате урбан хаос, тоа настанува и од рушење на системот преку ваквите влијанија, ни рече Павловска.

Додава дека ова може да се смета за превентивна мерка како заплашување дека државата ќе ги конфискува објектите преку законската регулатива, како психолошки момент, но суштински многу деликатно. 

Фото: Б. Грданоски

-Идејата дивоградбите да се конфискуваат не е нова – иако поминаа години од претходната – но не сметам дека ваквите идеи имаат некаква врска со реалност, а не пак да претставуваат некакво остварливо или прифатливо решение за бесправното градење.   Првин, ниту едно законско решение не ја потпира можноста да се конфискува бесправна градба, особено не во нашиов правен поредок каде што бесправните градби уживаат поголема правна заштита од легалните. Оваа правна заштита – на сосем неуставен начин, по мое скромно мислење – на бесправните градби им е дадена уште со Законот за сопственост и други стварни права од 2001 година, а десет години подоцна е донесен и Законот за постапување со бесправно изградените објекти кој го укина целиот правен и уставен поредок во републиката во полза на безправните градби, кои добија највисок државен и општонароден приоритет, вели  ахитекотот проф. д-р Мирослав Грчев во интервју за „Локално“.