Адвокатот кој ги застапува Македонците во Бугарија во Стразбур доби забрана за влез во Бугарија
Адвокатот Тони Менкиноски денеска ја информираше јавноста дека бугарските власти му изрекле забрана за влез во Република Бугарија во траење од 10 години. Одлуката му била врачена на 6 март 2026 година, при обид да влезе во земјата преку граничниот премин Златарево. Во образложението е наведено дека тој наводно претставува закана за националната безбедност на Бугарија.
Тој нагласува дека мерката е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
“За случајот ќе бидат информирани надлежните институции во Македонија – Владата, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Народниот правобранител. Истовремено, случајот ќе биде доставен и до европски и меѓународни институции: Советот на Европа, Европскиот парламент, Европската комисија, ОБСЕ, како и релевантните тела на Обединетите нации. Дополнително, ќе бидат известени и меѓународни организации за човекови права и независност на адвокатската професија, меѓу кои Amnesty International, Human Rights Watch, International Bar Association и CCBE, вели Менкиноски.
Менкиноски посочи дека забраната доаѓа во момент кога пред Комитетот на министри на Советот на Европа повторно се разгледува прашањето за неспроведувањето на пресудите поврзани со ОМО Илинден.