За 39 гласа Таравари ќе оди во втор круг во Гостивар
Арбен Таравари од Алијансата има огромна разлика, но трката со Невзат Бејта не е завршена. Во Дебар, на кандидатот на Алијансата, Беким Поцеста, за победа во првиот круг му недостигаа 26 гласа
Многу прослави на победи ноќеска се покажаа преуранети, како онаа на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците во Гостивар. Таравари (актуелен градоначалник) сношти еуфорично изјави: „Со 55 отсто од гласовите од изброени 100 отсто од записниците поминавме во прв круг. Победуваме со 3.000 гласови разлика, иако целиот државен апарат беше во Гоствар со автомобили, закани, купување гласови, но народот е најсилен и тој одлучува. Им честитам на граѓаните кои излегоа и ги казнија каматашите, мафијашите. Овој пат народот во Гостивар ги победи бандите во гостиварско“, порача Таравари.
Но валидни се само оние резултати што ги соопштува Државната изборна комисија – а според нив, Арбен Таравари освоил 49,88 отсто од гласовите (15.724), додека неговиот лут ривал, Невзат Бејта од ДУИ 41,84 отсто (13.190). Излезноста во Гостивар беше многу мала – 38,88 проценти, што укажува на зголемена апатија меѓу граѓаните. Во бројки тоа значи 31.524 лица што излегле да гласаат, па за победа биле потребни 15.762 гласа. Така, Аебен Таравари ќе мора да оди во вториот круг поради тоа што му недостасуваат само 39 гласа.
Веројатно главната причина за тоа е што има голем број неважечки ливчиња – 1.368. Во проценти тоа изнесува 4,3 отсто, што е прилично висока бројка, за која партиите во Гостивар треба да размислат од каде доаѓа. Другите двајца кандидати – од Беса и ДПА, имаа занемарлив број гласови. Двете најголеми македонски партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, одлучија да апстинираат од изборите за градоначалник во Гостивар, препуштајќи им го мегданот на албанските коалициски партнери.
Алајансата тврдеше сношти дека нивниот кандидат Беким Поцеста победил во првиот круг во Дебар, но и таму ќе мора да се оди на ново гласање. Поцеста освои 49,69 отсто од гласовите, додека актуелниот градоначалник Хекуран Дука од ДУИ 46,15. Во гласови тоа е 3.998 наспроти 3.713. На Поцеста му недостигаа 26 гласа за победа во првиот круг. И таму бројот на неважечките ливчиња е голем – 3,7 отсто или во бројки, 298. (Н.В.)