За 35,5 отсто зголемен бројот на заразени со Ковид-19


Фото: Б. Грданоски

Министерството за здравство соопшти дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, кој се однесува на периодот од 28 септември до 4 октомври, тестирани се вкупно 9.832 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, 1,5 отсто повеќе во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 1.203 нови позитивни случаи од 31 град во државата, што претставува зголемување од 35,5 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=519; 43,1 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово – 192,3 на 100.000 жители.

Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 12,2 отсто или три отсто повеќе во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=239, 19,9 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 години (n=220; 18,3 отсто), од 50 до 59 години (n=200; 16,6%), од 30 до 39 години (n=222; 18,5 отсто) и од 20 до 29 (n=194; 16,1 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=38; 3,2 отсто) и од 10 до 19 години (n=90; 7,5 отсто). Во однос на минатата недела, најголемо зголемување на бројот на ново регистрирани случаи се бележи во возрасните групи од 20 до 29 години и од 30 до 39 години, за 60 отсто односно 46,1 отсто, соодветно.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=1074; 89,3 отсто) регистрирани се 142 (13,2 отсто) хоспитализирани, а кај 280 (26,1 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број нови случаи во периодот од 28 септември до 4 октомври, 403 (37,6 отсто) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 32 (три отсто) лица со историја на патување во последни 14 дена.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 786 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што претставува зголемување од 10 отсто во однос на претходната недела.

Пријавени се 30 смртни случаи, 7,1 отсто повеќе во однос на претходната недела. Во однос на возраста, 24 лица биле на возраст над 60 години, а шест лица на возраст од 50 до 59 години. Дваесет и девет од случаите биле хоспитализирани, а само едно лице од починатите не било хоспитализирано. Коморбидитети се регистрирани кај 20 починати лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 во државава за периодот од 28 септември до 4 октомври, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk/.