За 18 општини, од Дебар до Битола, ќе се гради регионална депонија во Новаци
Депонијата треба да биде на локацијата каде претходно се експлоатираше лигнит за РЕК „Битола“. Но се бара прво изградба на обиколница од Битола до Новаци, а потоа регионална депонија

БИТОЛА – Советот на Општина Битола едногласно го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка за отворање на регионалната депонија во Новаци заедничка и за Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод. Оваа одлука на Советот доаѓа по иницијатива со која Општина Новаци го прифати предлогот на нејзина територија да се гради регионална депонија за потребите за одложување и преработка на сметот од 18 општини во југозападниот дел од државата. Едногласно беше изгласана и одлуката за формирање на заедничка комисија за основање на заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад меѓу наведените општини.
Повеќе од 10 години се договара отворање на регионална депонија во срцето на најплодната житница во државата – Пелагонија, на локација на која претходно РЕК „Битола“ експлоатираше лигнит.
Новата регионална депонија ќе биде сместена наспроти постојната дива депонија Мегленци што ја управува ЈКП „Комуналец“ од Битола. Таа ќе се гради североисточно од селото Новаци на околу 5,3 км, или 2,4 км југозападно од селото Мегленци кое е најблиско населено место. Пелагонискиот и југозападниот регион има нерегулирани диви депонии со голем ризик за животната средина, па планот предвидува нивно затворање. Само во битолско има над 200 диви депонии.
Како што првично беше кажано од Министерството за животна средина, трошоците за изградба на регионалната санитарна депонија во Новаци и набавката на потребната опрема за санитарно депонирање на отпадот ќе бидат 22 милиони евра.
На последната седница на Советот на општина Битола, во петокот, беа отворен две дилеми, каде ќе поминуваат возилата со сметот од сите општини вклучени во проектот ако се знае дека еден е патот кој од Битола води кон Општина Новаци, односно тој е истиот пат кој од Битола води кон РЕК „Битола“. И вториот момент дали со овој голем проект општините ќе добијат нови камиони за транспорт на отпадот, оти сегашните се стари. Советниците исто така реагираа дека не го знаат проектот за регионалната депонија, а треба да го гласаат.
„Добивме одговор дека проектот ќе биде објавен со распишување на тендерот. На градовите кои ќе го носат отпадот до Новаци, им е многу лесно да донесат ваква одлука, затоа што отпадот си го изнесуваат од своите дворови. Но, каде ќе врват камионите треба да знаеме. Голема е веројатноста патниот сообраќај во Битола и околу Битола да биде загрозен. Дали ќе има примарна селекција на отпадот,посебни канти? Дали ќе се набавуваат нови камиони за транспорт на отпадот?“, рече Горан Велевски, советник од Левица.
Борче Корлевски, советник на СДСМ смета дека битолско и Пелагонија мора да се заштитат од дополнително загадување на животната средина и дека мора да се изгради нов пат до локацијата на новата регионална депонија, кој ќе поминува низ Пелагонија. Па предочи дека животната средина, воздухот и во изминатиот период дополнително подлежи на загадување од камионите кои секој ден носат јаглен од Грција за потребите на РЕК „Битола“.
„Отпадот ќе го собираме од Дебар, Гостивар… значи од запад кон југ и вклучува и туристички капацитети од Охрид…Пристапот на овој отпад до Битола е еден. Во Битола прв загадувач е сообраќајот. Мора да направиме нов патен правец, инаку тие 60 товарни возила дневно ќе се движат низ Битола, ќе биде голем проблем, смета Корлевски.
Советникот Бојан Бојкоски од ВМРО -ДПМНЕ вклучен во проектот, на седницата појасни дека државата е обврзана со кредит за изградба на регионалната депонија и во првичната фаза предвидено е да се набават камиони за транспорт на отпадот за комуналните претпријатија од сите општини. Во рамките на планот предвидено е да се направат и собирни станици за отпад во секоја општина, односно отпадот ќе се собира поединечно во сите општини па ќе се носи на регионалната депонија.
„Она што кажавте дека камионите со отпад не треба да врват низ Битола, апсолутно дека треба обиколница. Уште во 2021 година од тогашните градоначалници беше предочено дека камионите не треба да сообраќаат по патот за Новаци, туку треба нов регионален пат кој ќе оди директно кон регионалната депонија и ќе ги поврзува РЕК ‘Битола’, Мегленци и останатите села. Дали тој пат ќе биде изграден во рамките на овој проект или во други програми? Ова е долг процес“, рече Бојкоски.
Советникот Бојкоски вели дека секоја општина според претходно направените анализи и мерења мора да носи одредена количина на отпад на депонијата, задолжителни количини, оти во спротивно ако не биде испорачана предвидената количина на смет, разликата ќе ја плаќа јавното комуналното претпријатие, односно граѓаните преку сметките за комуналии.
Тој рече дека медицински отпад нема да се депонира на регионалната депонија во Новаци, туку согласно законите тој отпад ќе продолжи да се одлага во Скопје, како и досега.
Советот изгласа заклучок да се задолжи Комисијата за животна средина во наредните две недели да се закажи јавна расправа на која ќе се добијат подетални информации во врска со изградбата на регионалната депонија во Пелагонија.