Вухан покажува дека крајот на ограничувањата е само почеток на кризата од Ковид-19


Малите бизниси страдаат и покрај укинувањето на ограничувањата во Вухан

 

Во целиот свет луѓето ја чекаат најавата дека пандемијата на коронавирус е под контрола и дека можат да се вратат кон нормалниот живот. Но, кинескиот град кој беше центар на пандемијата покажува дека нормалното сепак може да биде далеку.

Откако официјалните претставници на 8 април ги олеснија ограничувањата за патувања од Вухан, завршувајќи го 76-дневното држење под клуч на градот, жителите и локалните бизниси брзо сфатија дека вистинското повторно отворање на градот ќе биде болно бавно.

И покрај укинувањето на најстрогите ограничувања, многу продавници сè уште се затворени, рестораните се ограничени на земање храна, па дури и кога граѓаните излегуваат надвор тие сепак носат заштитна опрема и се обидуваат да се избегнуваат едни со други.

Расположението во практика е многу различно од официјалните изјави. На прес-конференцијата на 8 април, Луо Пинг, надлежен за контрола на епидемијата во Вухан рече дека некои сектори веќе се вратиле целосно во функција.

На состанокот на 25 април, властите на Вухан ветија „двојна победа“ – врз епидемијата и за враќање на економскиот раст.

Но, дури и медиумите контролирани од владата посочуваат дека плановите на градот за враќање на производството со полн капацитет до крајот на април може да бидат „премногу оптимистички“.

За време на неодамнешната посета на градот, сопствениците на бизниси изјавија за Си-Ен-Ен дека работат без профит и со огромни кирии, а експертите рекоа дека можеби ќе бидат потребни месеци, ако не и подолго за економијата на градот да закрепне.

„На краток рок секако ќе дојде до закрепнување“, вели Лери Ху, економист во „Меквери капитал“. „Прво ќе се опорави производството, а потоа и потрошувачката, затоа што многу луѓе сè уште не сакаат да излезат… но гледано на подолг рок, од тригодишна перспектива, вирусот и натаму ќе влијае на долгорочниот раст на Вухан“.

Борба за закрепнување

Вухан е метропола со повеќе од 11 милиони жители, поголем од повеќето градови во САД, но сепак се смета за второстепен град во рамките на Кина.

Како главен град на централната кинеска провинција Хубеи, Вухан е производствен и транспортен центар за патување кон остатокот на земјата.

Човек со маска за лице како превентивна мерка против ширењето на коронавирусот носи намирници во соседството во Вухан во централната кинеска провинција Хубеи 

Епидемијата за прв пат беше откриена во Вухан кон средината на декември, а како што се влошуваше, градот ги запечати своите врски со остатокот на Кина на 23 јануари во обид да го спречи ширењето на заразата.

Животот беше стопиран буквално преку ноќ. Во некои делови од градот луѓето беа затворени во своите домови неколку месеци, не можејќи да заминат и се потпирајќи се на испораките на намирници и други основни потреби од продавниците.

Со завршувањето на ограничувањата локалната самоуправа има желба да продолжи нормалниот бизнис што е можно побрзо, бидејќи Пекинг врши притисок врз провинциите да и помогнат на паднатата економија да расте.

Но, постојат знаци дека и покрај оптимистичката реторика, на економијата на Хубеи може да и биде потребно подолго време за да закрепне од ограничувачките мерки.

Шон Роач, главен економист за Азија и Пацифик во С&П Глобал Рејтингс, вели дека лекцијата на Вухан до остатокот на светот е дека брзата, раната акција за коронавирусот беше скапа за економијата, но може да доведе до побрзо повторно отворање.

„(Но) ставањата под клуч имаат непропорционален ефект врз малите и средни претпријатија. Овие фирми имаат помал пристап до кредити кои би им помогнале да закрепнат, а исто така треба да се борат да ги исполнат барањата за отвороње“, вели тој.

Кога Си- Ен-Ен се врати во градот на 21 април, возењето низ трговска улица покажа дека повеќе од половина од локалните бизниси се уште се затворени.

Во првиот квартал од 2020 година, БДП на покраината се намали за речиси 40 отсто на годишно ниво, според државната новинска агенција Ксинхуа, а само во март продажбата на мало беше намалена за повеќе од 15 отсто.

Владата најави олеснувања од државните претпријатија кои нема да наплаќаат кирија три месеци, но оние кои имаат изнајмено од приватни сопственици, под товарот на кириите и работењето без профит го напуштаат бизнисот.

„Отворив два дена. Не влегува ниту еден муштерија да јаде бидејќи беше забрането и добив само две или три нарачки на платформата за испораки преку Интернет. Трошоците за отворање беа многу поголеми отколку што заработувам секој ден, па затоа повторно затворив“, рече еден сопственик на ресторан за „Глобал тајмс“, кој е контролиран од Владата.

Повеќето продавници што се отворија ги променија деловните модели

Страв од втор бран

Некои сопственици на мали бизниси ја пренесоа својата грижа за Си-Ен-Ен дека секоја владина помош веројатно ќе пристигне предоцна за да ги спасат нивните мали продавници и ресторани, што ќе ги натера да затворат.

Забележливо е тоа што се уште се затворени фитнес центрите и кината, а нема ниту планови за нивно брзо повторно отворање.

Повеќето продавници што се отворија ги променија деловните модели. Големите синџири како „Старбакс“, „Мекдоналдс“, „Бургер Кинг“, „КФЦ“ и „Пица Хат“ се меѓу брендовите кои спречуваат клиентите да влезат во физичкиот простор. Наместо тоа, во продавниците се поставуваат табли и персоналот им ги предава нарачките.

Роач вели дека додека производството може да закрепне релативно брзо од вирусот, но услужните сектори се чини дека многу поспоро ќе се вратат на 100 отсто од продуктивноста.

„Ова е важно затоа што услужните дејности се најголемите работодавци во повеќето економии“, вели тој.

Најлошо од сè, некои локални жители и сопственици на бизниси рекоа за Си-Ен-Ен дека веруваат дека е прашање на време кога вториот бран на инфекцијата ќе помине низ градот, предизвикувајќи уште едно ставање под клуч и уште еден удар врз економијата.

Во саботата, еден ден по заминувањето на екипата на Си-Ен-Ен, здравствените власти во Вухан известија дека во градот откриле 19 нови случаи со асимптоматски коронавирус.

Можеби за Вухан и за остатокот од светот претстои долг пат пред да се вратиме на нешто што личи на нормалност.