Вуди Харелсон го доби Почесното срце на Сараево филм фестивал


Сараево – Американскиот актер Вуди Харелсон го доби Почесното срце на Сараево за неговиот извонреден придонес во филмската уметност во преполното летно кино „Металац“. Наградата му ја врачи Јован Марјановиќ, директор на Филмскиот фестивал во Сараево, а публиката го поздрави со долг аплауз. По церемонијата, актерот им се придружи на публиката на проекцијата на филмот „Добредојдовте во Сараево“, во кој играше една од главните улоги.

Сеќавање на воените денови
Во својот говор, Харелсон ги поздрави Горан Вишњиќ, со кого глумеше во тој филм, како и Емира Нушевиќ Нухиќ, која се појави во филмот како единаесетгодишно дете, пишува Klix.ba.

„Кога дојдов тука веднаш по војната, тоа беше огромен шок. Уништувањето беше незамисливо. Многумина од вас, се разбира, знаат за што зборувам. Некои од вас можеби се премногу млади за да се сетат. Но… Босанците имаат мрачна шега дека Србите, додека копале една од масовните гробници, се надевале дека ќе најдат нафта за да се вмеша Америка“, рече Харелсон.

Филм за опсадата на Сараево
Филмот „Добредојдовте во Сараево“ премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 1997 година, а беше прикажан и на третиот Сараевски филмски фестивал истата година. Заплетот е базиран на книгата „Приказната на Наташа“ од британскиот новинар Мајкл Николсон и ја раскажува потресната приказна за војната во Босна и Херцеговина и новинарите кои известувале од Сараево за време на конфликтот.

Три номинации за Оскар
Вуди Харелсон се смета за еден од најпочитуваните и најразновидните актери на својата генерација, со успешна кариера во филмот, телевизијата и театарот. Тој беше номиниран за Оскар три пати: за главна машка улога во филмот „Народот против Лари Флинт“ и за споредни улоги во филмовите „Гласникот“ и „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. Тој имаше и значајна улога во филмот „Триаголник на тагите“ во режија на Рубен Естлунд, кој ја освои Златната палма во Кан.