Вучиќ: Суштински ќе ја усогласиме визната политика со ЕУ, Србија нема да е „влезна земја“ за илегални миграции


Фото: Б. Грданоски

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средбата во Будимпешта со унгарскиот премиер Виктор Орбан и австрискиот канцелар Карл Нехамер за миграцијата, енергетиката и борбата против криминалот изјави дека е договорено Србија значително да ја усогласи визната политика со ЕУ до крајот на годината, така што нема да може да се користи како влезна земја за илегална миграција, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој наведе дека Србија има повторна раст на пристигнувањето на сириски, авганистански и пакистански бегалци.

-На денешен ден имаме регистрирано 17.600 лица што пристигнале од Русија и Украина, што не е мал товар за една релативно мала земја како Србија, кажа Вучиќ.

Тој порача дека Србија решила да и помогнеме на Австрија и Унгарија со заедничка работа.

-Договорот ќе го потврдиме во Белград, ќе направиме акционен план и како да ги заштитиме и другите делови на Европа. Србија ќе биде одговорна и сериозна, и ние ќе успееме да го направиме тоа, кажа Вучиќ.

Тој оцени дека на средбата во Будимпешта со Орбан и Нехамер добро се разбрале.

-Кога зборувате за резерви на гас, ако ни снема за неколку дена од некому ќе земеме, а ако на некој му фали за неколку дена ќе дадеме ние. Ќе има проблеми и со храната, забележа Вучиќ.

Тој побара од претставниците на ЕУ и ЕЦБ да направат се за да го зајакнат еврото.

-Тоа е следното минско поле за сите нас. Затоа што со растот на доларот, кај нас растат и котациските цени на нафтата, без разлика што цените на суровата нафта паѓаат.