Вучиќ изнесе пет барања до институциите на собирот во Белград
Српскиот претседател побара од обвинителствата да поведат постапки да се воспоставел ред и мир во државата

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на митингот пред Собранието на Србија „Не ја даваме Србија“ изнесе низа барања упатени до институциите во Србија.
Како прво барање Вучиќ нагласи дека надлежните органи и институции, пред сѐ надлежните обвинителства, да поведуваат соодветни постапки од нивните надлежности со цел да се воспостави редот и мирот во државата, а особено целосно почитување на Уставот и законот.
Тој рече и дека бара да се утврди правна одговорност на сите лица кои учествувале во, како што рече, вандалските напади и нападите врз граѓаните за време на нивните мирни собири во Србија, а особено да се откријат и казнат сторителите, поттикнувачите и помагачите на „дивјачките напади врз мирно собраните граѓани во Ниш на 21 март 2025 година“.
Тој исто така побара на секој ученик и студент да им се даде можност да оди на училиште и да учи ако сака.
Како четврто барање тој наведе дека бара да се откријат сторителите, поттикнувачите и помагачите во извршување на активности кои вклучуваат напади на витални државни институции и објекти и да се спречи преземање на такви активности во иднина.
„Како петто, да се спречи каква било активност што самоволно и незаконски ја парализира економската активност и ги спречува граѓаните да ги извршуваат своите животни активности на вообичаен начин, во согласност со јавниот ред во кој секој може да смета на фактот дека во едно демократско општество државата ќе ги заштити неговите витални животни интереси“, рече тој.
Тој рече дека на собирот немало кавги, конфликти или топовски удари.
„Речиси 13 години имам функција во државата Србија. Дадов сѐ од себе, како и моите другари, Србија да биде подобра“, рече тој.
Тој повторно се осврна на протестите и нивното влијание врз економијата.
„Оваа година, да не го направеа ова против нашата земја, ќе бевме најбрзо растечката економија во цела Европа“, рече тој.
По сите искушенија ни се случи 1 ноември, голема трагедија, изјави Вучиќ.
„Некои други, кои не се грижеа многу за жртвите и прекрасните луѓе што ги загубивме во таа трагедија, продолжија да прават нешто друго, само два дена подоцна“, истакна тој.
Само два дена подоцна почнаа акција за уривање на градското собрание во Нови Сад, нагласи Вучиќ. Оттогаш, како што додаде, започна теророт на „оние политичари кои ја уништија и уништуваат Србија“.
Тој се осврна и на последните настани во Ниш.
„Тие им забранија слобода на собирање на оние кои се виновни само затоа што мислеле поинаку“, нагласи Вучиќ.
„Тие блокираат иако слободата на движење е категорија загарантирана со устав. Не дозволуваат луѓето да се образуваат и да одат во училишта и факултети“, посочи тој.
Вучиќ рече и дека побарале дијалог, а кога им понудиле дијалог тогаш рекле дека се шегуваат и дека нема да дијалог.
„Рекоа дека се против насилството, а потоа секојдневно применуваа насилство“, нагласи тој.
Србија повеќе нема да ја толерира вашата суровост и сака да се бори мирно и демократски и веќе никој не ви се плаши, порача Вучиќ од бината.
Тој тврди дека сето ова дошло однадвор, бидејќи некому од странство му пречи успехот на Србија.
„Не можете да му го скршите ‘рбетот на народот со гнев“, рече тој.
Тој додава дека можеби обоената револуција ќе поминеше доколку не направеа голема грешка во таа голема агресија.
„Луѓето видоа дека почнаа да ни ја уништуваат државата. Ние имаме една прекрасна карактеристика. Кога некој ќе ја допре нашата земја и сака да ја уништи, тогаш сите се обединуваме и маршираме со тробојното знаме и не дозволуваме никој да ни ја уништи земјата. Готово е со нивната обоена револуција, можат да шетаат колку сакаат, нема ништо“, нагласи тој.