Вучиќ доби силна поддршка од Роберт Фицо и Виктор Орбан


 

За српскиот претседател Александар Вучиќ во пресрет на неговиот митинг во Белград в сабота, како одговор на повеќемесечните демонстрации на стотици илјади граѓани ширум Србија, дојде поддршка од премиерите на Унгарија и Словачка. Словачкиот премиер Роберт Фицо на Инстаграм објави дека на Европската унија ѝ е потребна искрена дискусија за демократијата и за она што се случува во Словачка и Србија, нагласувајќи дека Србија веќе би била членка доколку Унијата е фер кон неа.

Според него, претседателот на Србија, Александар Вучиќ е суверен и не подлежи на „западни диктати“.

„Србија во моментов е на добар пат. Бидејќи демократски избраниот претседател Александар Вучиќ е суверен и не ја почитува западната диктатура, тој се соочува со гневот на западните богови. Ако ЕУ беше фер – што не е – Србија ќе станеше нејзина членка, затоа што е подготвена за тоа. Сепак, поради суверен однос на претседателот, членството во ЕУ стана алатка за уцена на демократски избраните политички претставници на Србија. Сакам претставниците и граѓаните на Србија да ги решат внатрешните проблеми без мешање на Западот“, напиша Фицо на Инстаграм.

Недвосмислена поддршка на режимот на Вучиќ даде и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, велејќи дека сите унгарски патриоти се со Србите.

„Почитуван Александар! Почитувани српски патриоти! Поздрав од Будимпешта. Со месеци следиме што се случува во Србија. Странските сили се обидуваат да се мешаат во животот на Србите. Ова се случува и овде. Странските сили сакаат да им кажат на Србите како да живеат. Тоа го прават и овде“, рече Орбан во видео порака.

Орбан изјави и дека „странските сили постојано ги напаѓаат оние кои се залагаат за суверенитетот на Србија“.

„И затоа нѐ напаѓаат. Гледаме дека не се предавате, гледаме дека храбро се борите, затоа што сакате суверена Србија. Вие не сте сами, вашата борба е наша борба. Српските патриоти можат да сметаат на унгарските патриоти. Да живее претседателот Вучиќ, да живее Србија“, додаде Орбан.