Второто полуфинале на Евросонг во сенка на настапот на Израел, еве како да го следите


Малме – Вечерва е второто полуфинале на Евросонг , а настапот на Израел се очекува да привлече внимание поради големите пропалестински протести планирани во градот домаќин Малме.

Околу 100.000 посетители се собраа во Малме во јужна Шведска, а програмата ја следат околу 200 милиони луѓе ширум светот. Шеесет и осмото издание на натпреварот се одржува во услови на протести против воената акција на Израел во Газа, предизвикани од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Израелската претставничка Еден Голан (20) вели дека се надева дека нејзиниот настап ќе помогне да се обединат луѓето.

„Ова е многу важен момент за нас, особено оваа година“, изјави таа за Ројтерс во интервју оваа недела. „Се чувствувам почестена што имам можност да бидам гласот на мојата земја“.

Европската радиодифузна унија (ЕБУ), организатор на натпреварот, се спротивстави на повиците Израел да биде дисквалификуван, но побара од Израел да го смени текстот на неговата оригинална песна October Rain, која евоцира напад на Хамас.

Десетици илјади луѓе се очекуваат на пропалестинските протести во центарот на Малме во четврток во 15 часот. Помалите произраелски демонстрации се закажани за 18 часот.

Шведскиот студент роден во Газа и палестински активист Башар Гарар (23) ќе протестира против двојните стандарди, укажувајќи на одлуката на ЕБУ да ја дисквалификува Русија откако таа ја нападна Украина во 2022 година.

„Тие едноставно замижуваат пред она што се случува во Газа. кај нас тоа е тоа лицемерие и се обидуваме да му ставиме крај“, рече тој.

Шведските власти ја засилија безбедноста за можни немири за време на оваа недела на Евровизија.

Полуфиналето в четврток треба да започне во 21 часот, (МРТ ќе врши директен пренос), а силите ќе ги одмерат претставниците на Малта, Албанија, Грција, Чешка, Австрија, Данска, Ерменија, Летонија, Сан Марино, Грузија, Белгија, Естонија и Норвешка.

Од 15-те земји учеснички, од првото полуфинале во вторникот, во финалето влегоа десет, а освен Теја Дора од Србија, Бејби Лазања од Хрватска и Вероника од Словенија, в сабота во финалето одат и: Португалија, Украина, Литванија, Финска, Кипар, Ирска и Луксембург.
 
В сабота е финалето, со директно учество на земјите од Големата петорка: Англија, Франција, Германија, Шпанија, Италија, и ланскиот победник, Шведска. 
 

Букмејкерите ги наведуваат Хрватска, Швајцарија, Италија и Украина како фаворити за победа, додека податоците за стриминг на музика од Spotify укажуваат на големи шанси за Холандија или земјата домаќин Шведска.