Вториот Стратешки дијалог меѓу САД и Македонија нов поттик за меѓусебните односи
Вчерашниот Стратешки дијалог меѓу САД и Македонија во Вашингтон ќе придонесе за нова динамика во развојот на односите меѓу двете држави. Од Македонија беше делегација на високо министерско ниво: Тимшо Муцунски, шеф на дипломатијата, Владо Мисајловски, министер за одбра, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Сања Божиновска, министерка за енергетика и Бесарт Дурмиши, министер за економија. Од американска страна дијалогот го водеше Брендан Ханрахан, висок претставник на Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот. На разговорите потоа се приклучи и заменикот-државен секретар Кристофер Ландау.
По пленарните разговори Муцунски и Ландау имаа средба. Муцунски на Фејсбук напиша дека ја реафирмирале заедничката определба за силно и долгорочно партнерство, засновано на безбедност, слобода и демократски просперитет. На средбата станало збор и за соработката во рамки на НАТО, зајакнувањето на билатералната економска соработка по усогласувањето на рамката за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија во февруари 2026 година, за енергетската безбедност, потребата од диверзификација на енергетските извори и зајакнувањето на регионалната поврзаност.
„Разменети беа и мислења за состојбите во регионот на Западен Балкан и процесот на европска интеграција. Воедно, министерот Муцунски истакна дека од особена важност за регионот, особено во контекст на актуелните глобални безбедносни предизвици, е континуираното присуство и ангажман на САД, како клучен фактор и гаранција за регионалната стабилност“, стои во соопштението на Министерството.
Стејт департментот дава кусо соопштение за оваа средба во две реченици: „На состанокот беше нагласено силното и растечко партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и беше истакната заедничката посветеност на двете земји кон регионалната стабилност, економската соработка, развојот на енергетскиот сектор и распределбата на товарот во НАТО“.