Вселување во студентски дом во Македонија трае повеќе од 12 часа, реагира УСС УКИМ


Фото: Б. Грданоски

Универзитетското студентско собрание на УКИМ изрази загриженост поради неповолните услови и слабата организација на процесот на вселување во студентските домови.

Најголеми проблеми се забележани во домовите „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“, каде дел од студентите чекале и повеќе од 12 часа од преземање на документи до добивање на соба.

„Студентите заслужуваат достоинствен прием и современи услови уште од првиот ден на престојот во домовите“, порачуваат од УСС-УКИМ.

Студентското собрание бара отворање на повеќе пултови за документи, воведување поголем временски интервал меѓу конечните резултати и почетокот на вселувањето, како и присуство на Министерството за образование и наука на лице место за да се гарантира правилна распределба на собите.

Меѓу барањата е и дигитализација на целиот процес, со што би се намалиле долгите редици и би се вовеле современи стандарди во управувањето со домовите.

Како поддршка, УСС-УКИМ најавува дека може да предложи студенти кои би помогнале во организацијата, а апелираат и за институционална соработка со факултетите за стручна поддршка во дигитализацијата на системот.