Врховен суд: Објектите дадени на користење од поранешните општествено-политички заедници се државна сопственост


Фото: Б. Грданоски

Откако ССМ денеска обелодени дека ќе им биде одземен објекотот кој работниците го граделе со сопствени средства уште во 1952 година, по пресуда на Врховниот суд, од судот појаснуваат дека сите објекти кои биле добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.

Врховниот суд вели дека на 9 ноември 2023 година донесе пресуда за предметот РЕВ 1-77/22, во кој државата е тужител против Сојузот на синдикатите на Македонија за утврдување право на сопственост на недвижен имот кој претставува „административна зграда како објект од општ интерес за државата“.

Пресудата со која се усвојуваат ревизијата и тужбеното барање на државата ја донел совет на Врховниот суд составен од судиите Шпенд Деваја, претседател на советот и од членовите Јелица Крстевска, Наке Георгиев, Анита Бошковска и Исамедин Лимани.

Судот нагласува дека претседателката на Врховниот суд, и тоа од нејзиниот избор за претседател, не учествувала и не учествува во одлучувањето по предметите кои се наоѓаат пред Врховниот суд, ниту пак, има надлежност и овластување да влијае во донесувањето на одлуките, односно врз независноста на судиите во врска со одлучувањето по одделни предмети, согласно Законот за судовите.

„Во образложението на пресудата се наведува дека Врховниот суд на Република Северна Македонија, одлуката ја донел врз основа на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998), според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.

 

Предметниот објект-административна зграда и земјиште се сопственост на тужителот, согласно одредба од член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, бидејќи правниот претходник на тужениот, истите ги изградил и стекнал во поголем дел со средствата добиени од тужителот како правен следбеник на тогашната НР Македонија, а не со сопствени средства, со оглед дека истите во периодот на изградба на објектот, со својот правен субјективитет немал ниту можел да има сопствени средства.

Во периодот кога е изградена предметната недвижност, правниот претходник на тужениот бил општествено политичка организација, која не обавувала стопанска дејност, поради што немала и не можела да има сопствени приходи за стекнување на имот.

Согласно член 1 од Одлуката за определување објекти и работи чии инвестициони програми ќе ги одобрува Одборот за стопанство на извршниот совет („Службен весник на НРМ“ број 23/58), инвестиционите програми за објектите и работите што се од општ интерес за НРМ ќе ги одобрува Одборот за стопанство на Извршниот совет, а според член 2, како објекти од општ интерес во смисла на одредбите од претходниот член, се сметаат покрај другите и објектите од општествен стандард, чија вкупна вредност го надминува износот од 100 милиони динари, без оглед на изворите на средствата, освен објектите од станбена зграда, поради што неспорно произлегува дека предметната недвижност е ствар – добро од општ интерес за Републиката“, се вели во соопштението на Врховниот суд.

А во пресудата, меѓу другото, се вели дека Врховниот суд ја преиначува одлуката на Апелацискиот суд и на државата ѝ го дава правото на сопственост на недвижниопт имот од 13 ката со вкупна површина од 8..684 м2, како и подрумски простории и површина пред зградата.

Врховниот суд утврдил дека пониските судови погрешно како неоснована ја отфрлила тужбата од држаата и дека погрешно го применила материјалното право.

„СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот (Сосјузот на синдикатите на Македонија, н.з.) да му ги надомести парничните трошоци на тужителот (државата, нз.з.) во вкупен износ од 376.920,00 денари, во рок од 8 дена по приемот на пресудата“, пишува во пресудата.

Во пресудата Врховниот суд наведува дека претходно тужбата од државата кон ССМ како неоснована ја отфрлиле прво Основниот граѓански суд Скопје, а потоа и Апелацискиот суд.