Врховен суд го врати „Талир“ на повторно судење
Врховниот суд денеска го ,,врати во живот” случајот ,,Талир”, за нелегалното финасирање на ВМРО-ДПМНЕ, откако републичката јавна обвинителка Анита Тополова- Исајловска бараше да запре, односно врховните судии да го укинат решението со кое беше одобрено обвинението.
-Постапувајќи по поднесено барање за заштита на законитоста од Јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија КОЗ бр.63/24 од 28.06.2024 година, во предметот познат во јавноста како „Талир“, по одржана седница на советот, на ден 09.10.2024 година донесена е одлука со која барањето за заштита на законитоста подигнато од Јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија КОЗ бр.63/24 од 28.06.2024 година, против решението на Основен суд Скопје 1 Скопје КОК-ООА бр.44/18 од 24.12.2018 година, се одбива како неосновано, информираа од Врховниот суд.
Во барањето до Врховниот суд обвинителката оспоруваше дека СЈО е овластен тужител, бидејќи обвинението за „Талир“ било поднесено во ноември 2018 година, а рокот што тимот на Катица Јанева го имаше за поднесување обвиненија од 18 месеци, истекол на 30 јуни 2017 година.
Обвинителката се повикуваше и на начелниот став на Врховниот суд од 2019 година, според кој, СЈО можеше да подигне „обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци“.
Врховниот суд не ги прифати овие аргументи и го отфрли барањето.
Во предметот за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, „Талир“, обвинети се поранешни функционери од партијата, односно екс премиерот Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристовски, како и партијата.
Овој предмет, отворен од СЈО, се суди повеќе од пет години и досега немаше првостепена пресуда.