Времен режим на сообраќај на автопатот Велес – Неготино, Скопје – Куманово и делница Демир Капија – Смоквица
СТРАБАГ АГ Подружница СТРАБАГ Скопје информира дека од денеска до 31 декември 2024 година ќе има времена измена на сообраќајот на автопат А1 делница Велес – Неготино поради изградба на делница Градско – клучка Дреново. Сообраќајот ќе се одвива под времен режим со соодветно поставена сообраќајна сигнализација.
Времен режим на сообраќај, како што информираа од ДПТУ Ескаватори – MK ДООЕЛ ќе има и на автопатот Скопје – Куманово, поточно автопат А1/А2 делница од клучка ТИРС Бунарџик до пред патарина Миладиновци до 10.10.2024 година. Од 07:00 до 19:00 ќе се одвиваат градежни активности за рехабилитација и поправка на левата (брза) сообраќајна лентакоја ќе биде затворена за сообраќај и сообраќајот ќе се одвива по десната и помошната сообраќајна лента каде е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
И од Синтек инженеринг ДООЕЛ информираат за отпочнување на времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица до 01.12.2024 година, поради изведба на реконструкција на десната тунелска цевка на Тунел Т1. Имено десната тунелска цевка на тунел Т1 ќе биде целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот ќе биде целосно пренасочен во левата тунелска цевка со двонасочно одвивање на сообраќајот.
Инаку, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.