„Вреди“ за уставните измени: Не ги забораваме обврските, Владата има јасен план

Албанскиот партнер во владата, коалицијата „Вреди“, денеска се дообјаснува по вчерашните изјави на нејзини челници кои ги повторуваа зборовите на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Но и со дообјаснувањето ништо не е јасно – шест месеци била обврска, но политичката реалност била друга.
„Новата влада, во која коалицијата ‘Вреди’ е одговорен и активен партнер, е цврсто посветена на ЕУ агендата. Активно работи на достоинствено исполнување на условите за динамизирање на процесот кои водат кон полноправно членство во Европската унија.
Ние, министрите од „Вреди’, отсекогаш сме демонстрирале највисока посветеност кон европските интеграции – не само со зборови, туку и со дела. Рокот од шест месеци не е само временска рамка, туку обврска која ја разбираме и почитуваме“, велат од „Вреди“.
Според коалицијата, мора да постои политичка логика и реалност и во таа реалност нема двотретинско мннозиство во Собранието без ВМРО-ДПМНЕ. „Процесот на интеграција бара соработка, зрелост и одговорност од сите политички субјекти. ‘Вреди’ не ги заборава обврските, но и потсетуваме дека решението не може да биде еднострано.
Владата има јасен план, стратегија и акциски чекори кои се преземаат секојдневно. Нашата поддршка, не само сега, туку и во минатото, спасуваше клучни процеси. Со еден таков чекор обезбедивме старт на преговорите со ЕУ“ нагласуваат од „Вреди“ и додаваат дека европската иднина е над политиката на дневни калкулации.