Враќањето на Шпанија во нормала почна преку прошетките


По 50 дена карантин парковите во Валенсија се исполнија со луѓе (Фото: Т. Поповска)

Парковите и плажите се отворени во одредените периоди од денот, но со силно полициско присуство и помош од Црвениот крст, за надгледување и насочување на движењето. Четирите фази на отворањето би требало да траат повеќе од еден месец

 

Темјана Поповска
(Специјално за „Независен“)

Валенсија – Полни паркови и генерална спортска атмосфера насекаде низ Шпанија, откако по над 50 дена строг карантин, викендов на Шпанците конечно им беше дозволено да излезат надвор за прошетки и спортски активности. Враќањето во „новата нормала“ како што, премиерот Педро Санчез го нарече планот од четири фази ќе трае нешто повеќе од еден месец, а секоја фаза предвидува посебни мерки и ослободувања.

Во моментов државата се наоѓа во подготвителната Фаза 0 каде во одредени термини од денот се отворени парковите и плажите за прошетки, индивидуални спортски активности (како трчаење или велосипедизам) и основен тренинг на професионалните лиги. Помалите продавници работат со скратено работно време, но само со претходно закажување и нарачка на она што треба да се купи.

Предвидено е секоја фаза да трае околу 15 дена, но конкретни датуми не се специфицирани.

Во моментов сите возрасни над 14 години можат да прошетаат или да извршуваат спортска активност максимум еден километар од нивното место на живеење во периодите од 6 до 10 часот наутро и од 20 до 23 часот навечер. Оние над 70 години можат да се движат во периодот од 11 до 12 часот наутро и меѓу 19 и 20 часот попладне. Останатиот дел од денот меѓу 12 и 19 часот е наменет за децата под 14-годишна возраст кои можат да бидат надвор во присуство на еден возрасен.

Парковите и плажите се отворени во одредените периоди од денот, но со силно полициско присуство и помош од Црвениот крст, за надгледување и насочување на движењето, како и осигурување на дистанца меѓу спортистите. Носењето маски не е задолжително, но се препорачува. Експертите го поддржуваат ова објаснувајќи дека одредени групи луѓе, како на пример, лицата со респираторни проблеми, спортистите или децата можат да ги носат но не и правилно да ги употребуваат. Ракавиците за еднократна употреба кои се наоѓаат на сите влезови на супермаркетите и аптеките сѐ уште треба задолжително да се носат.

Следната Фаза 1 се очекува да започне на 11 мај, каде за прв пат ќе отворат 30 отсто од терасите на рестораните и кафулињата. Истото важи и за верските објекти, кои ќе бидат повторно отворени со 30 проценти од своите капацитети. Културните активности, како и отворањето на кината и театрите ќе бидат дел од втората фаза, повторно со органичени капацитети, а истото важи и за свадбите.

Во првата фаза е предвидено и отворањето на хотелите и туристичките објекти, но без употреба на заедничките простори. Сепак, границите на Шпанија сѐ уште остануваат затворени, а движењето од еден град до друг е забрането. Дури во втората фаза, која се предвидува да започне некаде околу 26 мај, Шпанците ќе можат да се движат во рамките на својот регион, да ги посетат своите викендички или да одат на патување во околните места. Движењето и патувањето низ целата држава се предвидува откако државата ќе влезе во третата фаза што би било околу 8 јуни, кога се предвидува и отворањето на дел од капацитетите на дискотеките и ноќните барови, како и јавна употребата на плажите.

Туристичкиот сектор заборавен од државата

Од туристичкиот сектор се жалат дека државата на некој начин ги оставила „заборавени“ во целиот план. Тие го критикуваат планот бидејќи отворањето на хотелските капацитети ќе ги однесе во поголема загуба бидејќи гранците се затворени, авионскиот сообраќај е суспендиран, а движењето на потенцијалните домашни туристи меѓу регионите и градовите е ограничено. Првите домашни туристи би се очекувале некаде околу средината или крајот на јуни, додека странски туристи најрано би ја посетиле Шпанија некаде во јули. Од туристичките здруженија апелираат промени во планот кои би овозможиле барем употреба на заедничките зони во хотелите како ресторани/кафулиња, со што би се покриле барем одреден дел од трошоците за работа на хотелите без гости.

Туристичкиот сектор како една од примарните индустrии на Шпанија генерира околу 2,5 милиони работни места и претставува околу една четвртина од шпанскиот БДП. Каталoнија, Балеарските острови, Андалузија, Валенсија и Галиција се очекува да бидат најпогодени.

За време на вонредната состојба во Шпанија само првиот месец 900.000 луѓе останале без работа, што ја донесе невработеноста како најголемата последица од кризата од Ковид-19. Од сите кои останале без работа, за социјална помош се квалификувале 302.256 луѓе, што е над 100.000 од досега најлошиот индикатор за невработеност регистиран за време на кризата во 2009. Бројките покажуваат дека за време од еден месец, државата ги изгубила сите работни места кои постепено се креирале во изминативе две и пол години.

Кризата од корона вирусот и целата 2020 ќе биде обележана како вистинска несреќа за Шпанија со пад на БДП за 8 отсто и зголемување на невработеноста на рекордни 20,8 проценти. Предвидувањата велат дека делумна санација се очекува во 2021 година, кога БДП би пораснал за 4,3 отсто и невработеноста би се намалила до 17,5 проценти.

Луѓето се чувствуваат како да излегле од затвор (Фото: Гети имиџис)

Шпанскиот економски колапс се споредува со Португалија и некои од балтичките држави како Латвија и Литванија, додека Италија и Грција се сметаат за економски повеќе погодени.

Последниве денови ситуацијата со пандемијата од корона вирусот е генерално се смирува. Три провинции, Валенсија, Мурсија и Балеарските острови, за прв пат не регистираа ниту еден нов случај, а во останатите региони бројот на нови потврдени случаи или мртви е значително намален. Од почетокот на пандемијата до сега, Шпанија сѐ уште е на второ место во светот зад САД, и на врвот во Европа како најпогодена држава од Ковид-19, со регистирани 248.301 потврдени случаи од кои 151.633 се излекувале, а 25.428 починале.