Врачена наградата за „Роман на годината“ на Лидија Димковска (галерија)

Свеченото врачување на наградата „Славко Јаневски“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности вечерва во Драмски се одржа по 25 пат, а генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје


Лауретката Димковска ја прима наградата од Андреј Јовковски, претставник од Комерцијална банка АД Скопје/ Фото: Б. Грданоски

Романот „Единствен матичен број“ на писателката Лидија Димковска (1971), во издание на „Три“, е годинашниот добитник на наградата „Роман на годината“, која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Покрај плакета и статуетка, Димковска доби и парична награда од 150 илјади денари, кои ги доделува генералниот покровител Комерцијална банка АД Скопје, веќе седма година по ред. 

Фото: Б. Грданоски

Свеченото врачување на наградата „Славко Јаневски“ , вечерва, во Драмски театар, се одржа по 25 пат, во свечен, јубилеен амбиент. 

Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата ја потенцираше важноста на 25-годишниот јубилеј на наградата на македонската книжевна сцена/ Фото: Б. Грданоски

„Со поседување на мошне развиено чувство за детаљ, со изострена перцепција за вкусот на времето, со умешност за карактеризација на ликовите, во рацете на Лидија Димковска општата идеја на откорнатоста и обездоменоста се материјализира во конкрет ни животни судбини кои ја носат во себе својата несомнена животна убедливост, се вели, меѓу другото, во образложението на жирито, кое вечерва го прочита неговиот претседател, академик Влада Урошевиќ, ланскиот лауреат, во кое членуваа и Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.
 
Фото: Б. Грданоски
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, за кој вели дека е трета среќа за наградата. Нејзиниот роман „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година, а во трка за наградата беше и со романот „Скриена камера“. 
 

Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска/ Фото: Б. Грданоски

„Роман на годината во една ваква јубилејна година. 25 романи го носат печатот на наградата и кога денес ќе ги погледнеме насловите на книгите, сфаќаме дека речиси на ниту еден од наградените романи не му поминал рокот на траење и не паднал во заборав. 25 романи – колку прекрасна и важна полица во библиотеката на македонската книжевност, за сегашните и за идните генерации, за сите нас!Статистиката на книжевните дела – наградени или во најтесната конкуренција за наградата, е импозантна: 25 наградени романи и 67 романи во најтесниот круг, или 92 романи во кои може човек да влезе низ малата врата на приказната, а да излезе низ големата врата на искуството. Самата сум деветтата авторка добитничка на наградата,што укажува на тоа дека наградата „Роман на годината“сè повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и со тоа е, се чини, најдемократската родова книжевна награда во Македонија. Ќе стане и најдемократската јазична награда кога за неа ќе можат да конкурираат не само авторите и авторките кои живеат во или надвор од Македонија, а пишуваат на македонски јазик, како што сум самата, туку и авторите и авторките кои живеат во Македонија, а пишуваат и на некој друг – малцински или миграциски јазик. Единствено квалитетот треба да биде поле за натпревар меѓу книжевните дела. Колку тажен би бил фактот да не знаеме дека наш современик, наша современичка напишал-а одличен роман, само затоа што го напишал-а на друг јазик, а го пишувал-а тука близу, покрај нас, во истата космичка микро и макроклима на општествен, културен, метафизички и симболичен простор“, рече вечерва во своето обраќање, лауреатката Димковска.

Фото: Б: Грданоски

Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година, од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“. Со оглед на годинешниот јубилеј, Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата, вечерва, подели благодарници на помагателите на оваа најпрестижна книжевна награда кај нас, а вечерва, гостите погледнаа и видео инсерти со дел од основачите на наградата  и дел од лауреатите низ годините.
 
Лауреатката Димковска пред почетокот на свеченоста во Драмски/ Фото: Б. Грданоски
За Издавачки центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори кои во издание на „Три“ претходно се здобиле со ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000 г.), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006 г.), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008 г.) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012 г.).

Преселбата во Словенија ја смени мојата литература: Интервју со Лидија Димковска, автор

Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот. 

Во чест на јубилејот во фоајето на Драмски беа изложени наградените романи во изминативе 25 години/ Фото: Б. Грданоски

Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа, таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки. Има објавено и седум поетски збирки, еден дневник, една збирка раскази и уредила четири антологии. 

Андреј Јовковски од Комерцијална банка со академик Влада Урошевиќ/ Фото: Б. Грданоски

Авторката, родена скопјанка, дипломец на Општа и компаративна книжевност, која 20 години живее и работи во Словенија, со богата биографија зад себе, домашни и регионални награди, претходно, во интервју за „Независен“ откри зошто и овој нејзин нов роман носи освестувачка приказна за нашиот свет што заборавивме да го сакаме. 

Фото: Б. Грданоски

„Постоиш ако имаш Единствен матичен број“ – во романот оваа идентитетска одредница од административно и социјално ниво се проширува и на емоционално и егзистенцијално. Дали постоењето е еднозначно или повеќезначно, што е тоа што го одредува животот, но и смртта на Никос Аврам, дојденец во Македонија од Кипар по инвазијата летото 1974 година, зошто сака „да фати пустелија“, и не само тој, туку и општеството како такво? Дали молкот е посилен од внатрешниот крик? И како што забележа една моја читателка: „Кога човек посакува пустелија да фати, таму го губи и единствениот матичен број“. Насловот ми се чини дека ги синтетизира прашањата што романот ги отвора, а меѓу нив и колку може да се отуѓи човек и од себеси, не само од другите, ни објасни, Димковска. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски
Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Ерол Ризаов, еден од оснивачите на наградата, во видео-инсерт/ Фото: Б. Грданоски