Вработени во МКЦ од Пендаровски побараа помош за скратениот буџет и изборот на директор


Претставниците на Програмскиот колегиум го запознаа претседателот Пендаровски со последните случувања во Младинскиот културен центар.

Тие појаснија дека со доделениот буџет од Градот Скопје за 2023 година ќе се нанесе непоправлива штета на институцијата и дека со тоа целосно ќе се загрози програмското функционирање на МКЦ, како и функционирањето на ансамблите кои делуваат во установата и фестивалите со долгогодишна традиција.

Претставниците на Програмскиот колегиум од МКЦ информираа и за процесот за назначувањето на в.д. директор во институцијата, кое според нив се случило со намерно заобиколување на пропишаните законски процедури и побараа поддршка од претседателот за нивното барање – законски и отворен конкурс за директор на МКЦ.

Пендаровски посочи дека треба што поскоро да се најде решение за овие предизвици во рамки на законските процедури и регулативи.

Викендов, стотици граѓани од најразлична возраст се собраа , пред МКЦ, каде со музичка програма на бројни изведувачи, потпишуваа петиција и протестираа во „одбрана на МКЦ“.

На настанот организиран од колективот на млади музичари „Гола планина“, посетителите го изразија своето незадоволство од неодамнешните случувања со центарот и побараа МКЦ да не се политизира. 

 

 

Во рамки на протестниот музички собир, пред центарот се потпишуваше и петиција. Барањата на петицијата се зголемување на буџетот на институција од државните ресурси за култура. Дополнително, преку петицијата се бара да се стави „МКЦ надвор од политичките игри“.

Организаторите планираа петицијата да ја испратат до Град Скопје и Министерството за култура, но дека засега примарно им е да соберат што повеќе потписи.

Музичкиот собир „Сите за МКЦ“ доаѓа откако програмскиот колегиум на МКЦ во средата обвини дека центарот е „повторно на мета на партиски мегдан“, откако досегашниот в.д. директор на МКЦ Ванчо Богоев беше сменет од својата позиција.

Во МКЦ потоа беше назначен нов директор, за кој од програмскиот колегиум велат дека е примен на работното место пред само неколку дена преку Агенцијата за привремени вработувања.

Истовремено, од програмскиот колегиум тогаш истакнаа дека буџетот на институцијата е доведен до само 8 отсто од годишниот буџет со кој работеле минатите години или само 32.000 евра.