Вознемирувачко насилство во бугарски мигранти центар


Млад човек е потпрен на ѕид во аголот на просторијата, веднаш до кревет на кат. Подот пред него е прекриен со крв, како и неговото лице и нозете.
Оваа вознемирувачка сцена може да се види на една од снимките до кои дојде БИРН, а на кои се документираат последиците од она што притворениците го опишуваат како масовно полициско насилство во центарот за задржување мигранти и бегалци Пастрогор во југоисточна Бугарија, во близина на турската граница.

Тројца мажи, кои во моментов се таму, за БИРН рекоа дека специјална полициска единица ги тепала притворениците низ целиот објект, при што некои се здобиле со скршени раце и прсти и со повреди на главата. На нивно барање, БИРН не ги објави фотографиите бидејќи жртвите стравуваат од последици доколку нивниот идентитет биде откриен.

Изворите со кои разговаравме тврдат дека насилството се случило на 26 јули годинава, откако за време на протест, две лица избегале од центарот. Истиот настан беше опишан и во соопштение за јавноста од 7 август, издадено од италијанскиот активистички колектив Балкански рути.

На околу 28 километри од турската граница и лоциран во близина на други центри во кои се сместуваат мигранти, Пастрогор од 2012 година функционираше како отворен камп и во него се обработуваа барања за азил. Од декември минатата година беше трансформиран во центар за задржување според новиот Европски пакт за азил и миграција на Европската Унија.

Пактот стапи во сила на 12 јуни. Тогаш во кампот имаше само неколку лица, а сега во него се наоѓаат околу 220 луѓе, велат активистите.

Според новиот пакт, огромното мнозинство од оние што нерегуларно пристигнуваат на надворешните граници на ЕУ ќе бидат притворени во период од седум дена до 12 недели додека се спроведуваат проверки и процедури за азил. Во некои случаи, како кај лицата што чекаат репатријација или трансфер во трета земја, нивниот притвор може да трае и подолго.

Изразувајќи длабока загриженост поради сведоштвата за насилство, италијанската европратеничка Чечилија Страда, за БИРН, изјави:

„Ова не е првпат да слушнеме извештаи за насилство врз мигранти од страна на бугарските полициски сили.“

Што се случило?
Пред наводното насилство, активистите велат дека со недели се одржувале протести против условите во Пастрогор и самиот чин на притвор. Според колективот Балкански рути, „најмалку едно лице било претепано од полицаец, приведено во полициската станица и принудено да потпише обврска дека нема да учествува во идни протести.“

Ситуацијата кулминирала на 26 јули, кога италијанската активистичка група организирала демонстрации пред центарот. Бегалците и мигрантите се приклучиле однатре.

Едно од видеата што ги виде БИРН прикажува девет мигранти во мала просторија, кои викаат „отворете го кампот“, како и голем број активисти, кои стојат врз автомобил во близина на објектот. Активистите велат дека протестот бил мирен.

Зборувајќи под услов да остане анонимен, марокански притвореник вели дека избегале двајца мажи, од Турција и од Тунис. Други извори го потврдија тоа.

„Потоа дојде еден полицаец и ми зборуваше на англиски, велејќи ми да им кажам на моите пријатели да се вратат во своите соби горе бидејќи доаѓала единицата за брза интервенција, а ако нè најдат излезени, работите ќе станат полоши“, рече Мароканецот.

„Сите ја разбраа ситуацијата. Беше опасно, па тивко се вративме во нашите соби.“

Сателитска снимка од притворскиот центар ПастрогорСателитска снимка од притворскиот центар Пастрогор | Фото: Airbus/Google Earth.
Не е јасно на која полициска единица мислел човекот под „единица за брза интервенција.“ Сепак, описите дадени од мигрантите и бегалците сугерираат дека службениците можеби биле дел од бугарската жандармерија.

Според изворите на БИРН во центарот за притвор, полицајците биле облечени во целосна опрема за сузбивање немири, со маски, палки и електрошокери. Со нив биле и обични полицајци. Изворите велат дека ги имало вкупно околу 30 до 40.

„Мојот пријател и јас бевме во првата соба“, рече Мароканецот.

„Еден од маскираните мажи, кој држеше оружје, ја отвори вратата и рече: ‘Долу! Долу!’ Кога легнав на подот, околу 15 полицајци влегоа во собата и почнаа да нè тепаат со палки. Мислев дека е крај. Ме тепаа додека не ја изгубив свеста. Му ја повредија главата на мојот пријател. Нè тепаа безмилосно. Никогаш во животот не сум бил вака тепан. Така поминаа низ сите соби.“

Двајца други притвореници, од Мароко и Пакистан, го потврдија сведоштвото.

Сите извори со кои разговараше БИРН нагласија дека тепањето било неселективно и се случувало низ целиот објект. Од колективот Балкански рути велат дека надзорните камери биле исклучени пред да почне насилството, но не понудија доказ за тоа.

„Облеан во крв“
Вториот Мароканец рече дека полицајците го уништиле и секој телефон што ќе го најделе, „за да не објавуваме фотографии од тепањето.“ Но, се појавија фотографии и видеа.

Оние што ги виде БИРН прикажуваат најмалку осум различни лица со сериозни повреди, меѓу кои двајца со рани на главата од кои крвавеле. Еден човек беше облеан во крв. Пакистанскиот притвореник рече дека знаел за најмалку 18 повредени.

„Се однесуваа брутално кон нас, како да сме криминалци, а не баратели на азил“, рече тој, како и другите, под услов да остане анонимен.

По тепањето, првиот Мароканец рече дека тој и уште 11 лица биле изведени надвор.

„Почнаа да нè удираат и пцујат и да ни истураат вода“, рече тој.

„Се чувствував хистерично, се чувствував како да се задушувам.“

Тој рече дека физичкото и вербалното малтретирање продолжило во блиската полициска станица до следниот ден.

„Тие рекоа: ‘Ако не ви се допаѓа храната, не ја јадете. Не правете го ова. Не зборувајте.’ Нè принудија да потпишеме обврски и ни рекоа: ‘Ако не ви се допаѓа овој третман, вратете се во вашата земја.’“

„Европски стандарди“

Од бугарската Државна агенција за бегалци, за БИРН, велат дека Министерството за внатрешни работи, под чија надлежност работи агенцијата, е одговорно за безбедноста во центарот Пастрогор, но наведоа дека „материјалните и животните услови во Центарот за привремено сместување, во селото Пастрогор ги исполнуваат утврдените европски стандарди.“

Без да се осврне на наводите за полициско насилство, Државната агенција за бегалци рече дека „го препознава постоечкиот ризик од ескалација на тензиите меѓу различните заедници, што првенствено може да биде предизвикано од разликите во етничкото и/или религиското потекло на лицата сместени таму и дека навремено се преземаат мерки во тој поглед.“

Градоначалникот на Пастрогор, Илијан Илиев, и локалната полиција не одговорија на барањата за коментар.

Во изјава за локалната веб-страница e-svilengrad.com, Илиев ги потврди извештаите за немири, но сугерираше дека протестот можеби бил трик за да му се помогне на еден притвореник да избега.

Пакистанскиот притвореник, за БИРН, вели: „Не знаеме кое е нашето злосторство или зошто нè држат овде.“

„Разбираме дека ако некое лице сака да поднесе барање за азил во една земја, има право да побара азил. Но, да се држат луѓе во затворен камп за притвор како овој е крајно сурово и неправедно.“

Во периодот пред спроведувањето на Европскиот пакт за азил и миграција, критичарите предупредуваа за пристапот на набљудувачите за човекови права до новите објекти. Предупредувањата се покажаа како оправдани, рече Страда, италијанската европратеничка.

„Ако сериозни прекршувања веќе можат да се случуваат во овие центри на европска територија без сведоци, замислете што може да се случи кога ќе ги преместите надвор“, вели Страда. (БИРН)

мигранти