Вознемирен маж го чекал Филипче да му помогне за закажување термин

Министерот за здравство Венко Филипче побарал од соработниците да биде пронајден човекот кој утринава го чекал пред зградата на Министерството, а претходно од страна на обезбедувањето му било укажано да се оддалечи.
Утрово 33-годишен човек видно вознемирен го чекал министерот да побара помош од него во врска со некаков проблем во некоја од Клиниките.
-Човекот беше вознемирен, имал некој проблем со закажување за термин на клиниката и го пратив кај колегите да му помогнат. Му дадов телефон и го чекам да ми јави дали завршил работа, изјави за МИА министерот Филипче.
Според полициската белешка, утринава во 7 часот и 15 минути од Одделот за обезбедување пријавено е машко лице како седи на скалите пред Министерството за здравство. Од Страна на полициска станица Центар испратена е служба која констатирала дека се работи за лицето А.А. родено 1987 година.