Возбудлива публикација – „Од Букурешт до Преспа“


Сведоштвата некогаш значат потсетување, а некогаш и опомена за да не се повтори некое поминато време. Публикацијата „Од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ (ФООМ), што денеска беше промовирана во Скопје ги има во себе тие две цели: да се наврати на годините во кои Македонија беше окарактеризирана како „заробена држава“ за тоа никогаш повторно да не се случи.

Публикацијата беше промовирана пред голем број гости во Датут пашиниот амам. Тоа е зборник на десетина текстови на дури 550 страници и во нив се објаснува и доловува атмосферата во Македонија по самитот на НАТО во Букурешт 2008 па сѐ до потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.

Објаснувајќи ја идејата за подготвување на оваа публикација, директорката на Фондацијата, Фани Каранфиловска-Пановска, рече дека „најсилниот мотив да пристапиме кон изработка на еден ваков зборник беше за да се обидеме барем делумно да придонесеме кон колективното паметење или да се спротивставиме на заборавот. Во случајов мотивот беше да запишеме за да не заборавиме, за никогаш повеќе да не ни се повтори“.

Во запишување на она што не треба да се заборави и не треба да се повтори учествуваа 14 познати автори – новинари, интелектуалци, граѓански активисти, кои се директни сведоци и учесници во тој период. Зборникот е издаден на три јазици – македонски, албански и англиски јазик.

Каранфиловска-Пановска објасни дека Фондацијата се определила да покани автори „да подготоват свои текстови во кои независно и критички ќе ги интерпретираат настаните и феномените што ја одбележаа таа декада, поткрепени со изјави и интервјуа со трети лица кои најчесто беа директни учесници и двигатели на општествените случувања во тој период и тоа како носители на државни или партиски функции или како претставници на стручната и академската фела, граѓански активсти“. Главната цел, според Каранфиловска-Пановска била „да обезбедиме колку е можно пообјективен поглед на настаните“.

Членот на Управниот одбор на ФООМ и еден од уредниците на изданието, Гордан Георгиев, смета дека публикацијата ќе остави трага за тоа време.

„Македонија од Букурешт до Преспа“ е публикација втемелена на сведоштва. Сведоштва за едно време-невреме кое во колективната меморија на нашите граѓани ќе остане запаметено како темно. Тоа се годините кога Европа нѐ етикетираше како ‘заробена држава’ и кои, од оваа исклучително кратка историска дистанца, ќе ги запаметиме како ‘загубено време’. Зборникот е тука за да ја зачува таа деценија во колективната меморија на граѓаните и да остави печат за едно време кое не сакаме никогаш да се врати и повтори“, рече Георгиев.

Автори на публикацијата се Васко Маглешов, Катерина Блажевска, Љупчо Поповски, Милка Смилевска, Владимир Милчин, Билјана Бејкова, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Сашка Цветковска, Менче Атанасова-Точи, Дејан Азески, Гордана Дувњак, Искра Новаковска и Назим Рашиди. (Н.В.)