Возбудата расте и кај фудбалерите и кај навивачите – македонската репрезентација против Австрија дебитира на ЕП


На третиот ден од ЕВРО 2020, дебитантски настап на едно големо фудбалско натпреварување ќе има македонската фудбалска репрезентација. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски попладне со почеток во 18 часот, на „Национална арена Букурешт“ во романската престолнина ќе се соочат со репрезентацијата на Австрија.

Во двата досегашни натпревара, Австријците победија со 2:1 во Виена и со 4:1 во Скопје во 2019 година. Сепак, овие резултати од пред две години не ги обесхрабрува македонските фудбалери.

– Имаме негативно искуство со оваа репрезентација, но добро ги анализиравме нивните игри последниот период. Знаеме дека не чека тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување. Онаа победа против Германија донесе самодоверба плус во нашите редови, овие момци се повеќе се свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив плус на секој дуел на првенството, изјави капитенот Горан Пандев на кого му се оствари сонот, кариерата да ја заокружи со настап во репрезентативниот дрес на едно големо натпреварување.

 

Австријците важат за фаворити на денешниот меч и поради поголемото искуство на вакви натпревари, и поради големиот број играчи од нивниот табор кои играат во Бундеслигата, како и поради подобриот рејтинг што го имаат на ФИФА ранг-листата.

Од друга страна, нашите играчи нема да бидат под психолошки притисок, па улогата на аутсајдер може да биде и предност во ваква ситуација.

 

На трибините на стадионот во Букурешт се очекува да бидат и околу две илјади Македонци.

Им посакуваме многу среќа, која сигурно ќе им биде неопходна на „црвено-жолтите“ во обидот да остварат добар резултат на историскиот, прв натпревар на едно Европско првенство.   

Инаку, вчера невреме проследено со обилни врнежи од дожд ја зафати романската престолнина предизвикувајќи им големи проблеми на УЕФА и романските организатори спроти денешниот натпревар меѓу македонската и австриската репрезентација во рамки на првото коло од групата Ц на ЕУРО2020.

По едночасовно одложување поради обилните врнежи од дожд австриската репрезентација се упати кон другиот крај на градот на стадионот на романскиот прволигаш Стеауа, каде невремето предизвика проблеми и со тренингот на македонската репрезентација.

Селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев синоќа на официјалната прес-конференција во Букурешт истакнаа дека нашите репрезентативци се подготвени да го дадат максимумот на Европското фудбалско првенство. 

– Обземени сме со силни емоции. Треба да се гордееме, но веруваме дека можеме уште повеќе. Кога пред шест години отидов кај Горан Пандев во Џенова започна оваа приказна. Можеби сме аутсајдери на првенството, но не ни пречи таа улога. Напротив, дополнително носи мотив кај сите нас. Одработивме добри подготовки и сите фудбалери со нетрпение ја очекуваат средбата со Австријците, порача македонскиот селектор.

Капитенот Пандев истакна дека репрезентативците се подготвени да го дадат максимумот на теренот и да и донесат на нацијата нови радости.

– Точно е дека работат емоциите, точно е дека сите во Македонија, фудбалерите, навивачите, медиумите и јавноста го очекувавме овој момент. И, верувајте сега сме подготвени да го дадеме срцето за нови радости, затоа што знаеме дека сите погледи во Македонија се насочени кон нас. Јас го прифатив предизвикот на селекторот пред шест години кога дојде во Џенова и ме убеди да се вратам во националниот тим затоа што не чекаат успешни денови. И ми се чини дека тоа беше главно на патот до остварувањето на овој сон. Но, секако и јас и соиграчите сме подготвени да го прифатиме и овој предизвик. Желбата е секако да го демонстрираме максимумот на секој натпревар и да се обидеме да не завршиме со само три меча на шампионатот, посочи Пандев.