Ворен Бафет повторно продаде дел од својот огромен удел во акциите на „Епл“
„Беркшир Хатавеј“ на Ворен Бафет веројатно повторно продаде дел од својот огромен удел во „Епл“ во третиот квартал, покажува нов финансиски извештај.
Во најновиот квартален извештај, „Беркшир“ изјави дека трошковната вредност на неговите инвестиции во секторот за производи за широка потрошувачка се намалила за околу 1,2 милијарди долари во споредба со претходниот квартал. Бидејќи тој сегмент од портфолиото се состои главно од „Епл“, падот речиси сигурно укажува на понатамошна продажба на акциите на „Епл“.
Акциите на „Епл“ пораснаа за повеќе од 24 проценти во третиот квартал, давајќи му на Бафет можност да оствари профит.
Во текот на 2024 година, Бафет го изненади пазарот со голема распродажба на акциите на „Епл“, намалувајќи го уделот на „Беркшир“ за две третини – невообичаен потег за инвеститор познат по долгорочен пристап. Компанијата дополнително го намали својот удел во „Епл“ во вториот квартал од оваа година.
На крајот на јуни, „Беркшир“ сè уште поседуваше околу 280 милиони акции на „Епл“, во вредност од околу 57 милијарди евра, што сè уште претставуваше најголема поединечна позиција во портфолиото.
Бафет претходно изјави дека продажбата е поврзана со даночни причини, но аналитичарите веруваат дека одлуката може да биде мотивирана и од високата проценка на „Епл“ и потребата од намалување на прекумерната изложеност – во еден момент „Епл“ сочинуваше повеќе од половина од инвестициското портфолио на Беркшир.
„Беркшир Хатавеј“ е нето продавач на акции 12 последователни квартали, а во третиот квартал собра повеќе од 6 милијарди евра во готово.
Омилениот индикатор на Бафет за преценување на пазарот – односот на вкупната вредност на сите американски акции кон бруто домашниот производ на САД – достигна рекордно ниво. Самиот Бафет еднаш го опиша овој индикатор како „играње со оган“.
Деталите за точната големина на уделот на „Беркшир“ во „Епл“ ќе бидат познати подоцна овој месец, кога компанијата ќе објави задолжително поднесување до Комисијата за хартии од вредност на САД.