Вонредната состојба, помошта и економските мерки главни теми на Советот за безбедност

Фото: Б. Грданоски

Спроведувањето на вонредната состојба, новите мерки за помош на економијата, странската помош околу корона кризата – се трите клучни теми на денешниот Совет за безбедност закажан за попладне. На состанокот треба да се отвори и прашањето за евентуалното пролонгирање на вонредната состојба, која по барање на Владата ја прогласи претседателот на државата на 18 март, а треба да трае до 16 април.

На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Пендаровски, ќе присуствуваат и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче, министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот за економија, Крешник Бектеши.