Ѓорѓиевски се прошета по недовршените патеки во паркот „Жена борец“. Kога ќе појде на влезот од Старата чаршија?
Парк „Жена-борец“ – целосната реконструкција се одвива со силна динамика!, уверува скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска се прошета по патеките кои сѐ уште се реконструираа.
„Во срцето на градот, меѓу зеленилото и спомен-обележјата, генерации наоѓале свое место за средба, за прошетка и за краток одмор од градската врева. Сакам и следните генерации да го доживуваат овој парк со истата блискост и да го затекнат уреден и негуван. Целосната реконструкција напредува со силно темпо“, вели Ѓорѓиевски, во Фејсбук пост.

Потсетува дека старите плочки се заменуваат со нови и се обновуваат пешачките патеки, за овој простор да добие изглед достоен за неговото место во срцето на Скопје.
„Ја реставрираме и постојната урбана опрема, а со дополнително хортикултурно уредување го збогатуваме парковското зеленило“, а потсетува и дека: „Претходно го обновивме спомен-обележјето на децата бегалци, кое беше вандализирано. По периодот во кој беше згаснат, кај фонтаната повторно гори Вечниот оган“.
Реконструкцијата на патекинте низ паркот „Жена борец“, почна на почетокот на минатиот месец. Ниту тогаш се најави колку време ќе трае реконструкцијата, ниту денеска нема краен рок.
Пред пет дена пак, Ѓорѓиевски соопшти дека почнува со замена на искршените плочки пред влезот на Старата скопска чаршија. Денеска тој потег изгледа вака:

Ако паркот „Жена борец“ не е готов ни по месец и половина, колку време ќе треба да чекаме за комотно да може да се поминува до Старата чаршија? И за овие работи нема временски рок до кога е предвидено да завршат работите. Денеска, таму, никој не работеше. (Б.Б.)