Војната во Иран ги притиска рафинериите, цените на горивата би можеле да останат високи со години


Војната во Иран го доведе глобалниот рафинериски сектор до работ на капацитите, поради што цените на дизелот и бензинот би можеле да останат на високо ниво со години, предупредуваат светските агенции.

Иако пазарот на сурова нафта успеа релативно добро да се приспособи на губењето на значителен дел од испораките од Блискиот Исток, можностите за надоместување на недостигот во рафинерискиот сектор се многу поограничени.

Цената на референтната нафта „Брент“ е околу 90 долари за барел, што е околу 25 проценти повеќе во однос на нивото од почетокот на конфликтот на 28 февруари, но значително под воениот максимум од 118 долари. Кај рафинираните производи, сепак, растот е многу поголем. Цената на дизелот во Европа е зголемена за повеќе од 70 проценти од почетокот на војната, додека бензинот во САД поскапел за околу 60 проценти.

Според податоците на Меѓународната агенција за енергетика, војната исфрлила од употреба повеќе од 20 проценти од рафинерискиот капацитет на Блискиот Исток, кој пред конфликтот изнесувал 9,6 милиони барели дневно.

Дополнително, затворањето на Ормуската Теснина го ограничува извозот на горива, а недостигот на сурова нафта од земјите од Заливот ги принуди рафинериите, особено азиските, да го намалат производството.

Ситуацијата дополнително ја влошија украинските напади врз руската енергетска инфраструктура. Руската рафинериска преработка во последните месеци е намалена за речиси 30 проценти, на помалку од четири милиони барели дневно, што ја принуди Москва во јули да забрани извоз на дизел.

Недостигот на гориво доведе и до нагло зголемување на рафинериските маржи. Во Европа маржата на дизелот е повеќе од тројно зголемена од февруари и надмина 75 долари за барел, додека маржата на дизелот во САД порасна за повеќе од 140 проценти и достигна рекордни сто долари за барел претходно оваа недела.

Во меѓувреме, резервите на гориво што го ублажуваа ударот од почетокот на кризата се речиси исцрпени. Глобалните залихи на нафта од март до јули се намалувале со темпо од 3,5 милиони барели дневно, што одговара на повеќе од три проценти од глобалната дневна побарувачка.

Според американската Управа за енергетски информации, падот на залихите се очекува да продолжи до крајот на годината. Залихите на дизел во САД се на најниско сезонско ниво во последните три децении, додека резервите на бензин се на најниско сезонско ниво од 2012 година.

Глобалната рафинериска преработка во вториот квартал била за 5,1 милион барели дневно пониска во однос на истиот период минатата година. Високите цени ја намалиле побарувачката за рафинирани производи за четири милиони барели дневно, но сепак останал недостиг од повеќе од милион барели дневно.

Состојбата би можела дополнително да се влоши во третиот квартал. Се очекува рафинериската преработка да биде за 4,1 милион барели дневно под минатогодишното ниво, додека побарувачката би се намалила за само 2,4 милиони барели дневно. Тоа значи дека понудата на горива се намалува побрзо од побарувачката.

Дури и евентуално дипломатско решение меѓу Вашингтон и Техеран и повторно отворање на Ормуската Теснина веројатно нема брзо да го нормализира пазарот на рафинирани производи.

Повеќе од 20 рафинерии во земјите од Заливот се оштетени во војната, а за поправка на клучната опрема, како компресори, разменувачи на топлина и специјализирани катализатори, би бил потребен подолг период.

Важен фактор ќе биде и Кина, вториот најголем рафинер во светот, која за време на војната значително ги намали стапките на преработка и го ограничи извозот на горива.

Дополнително намалување на потрошувачката поради високите сметки за енергија би можело да го ублажи недостигот, но итната потреба за повторно полнење, а во некои случаи и зголемување на глобалните резерви на гориво, би можела да ја одржи високата побарувачка за рафинирање со години.

Последиците веќе се чувствуваат врз инфлацијата. Потрошувачките цени во САД во јули пораснале за 3,4 проценти на годишно ниво, при што трошоците за енергија се зголемиле за 14,7 проценти, а бензинот поскапел за 24,6 проценти. Во еврозоната инфлацијата достигнала 2,9 проценти, поттикната од растот на енергетските трошоци од десет проценти, додека индексот на цените на производителите во Јапонија во јули пораснал за 7,2 проценти.

Светските агенции ги оценуваат како премногу оптимистички очекувањата на дел од економистите и аналитичарите оти енергетскиот ценовен шок ќе биде краткотраен. Особено се издвојуваат Европа и Азија, каде што истовремено нагло се зголемија и цените на течниот природен гас.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, кој намалувањето на трошоците за живот го постави меѓу приоритетите на својот втор мандат, минатата недела ги предупреди Американците да се подготват за повисоки цени на енергијата.

Речиси шест месеци по почетокот на војната во Иран, светските агенции заклучуваат дека енергетската криза не покажува знаци на брзо завршување, бидејќи резервите се истрошени, а нарушувањата предизвикани од конфликтот продолжуваат да го оптоваруваат веќе преоптоварениот рафинериски систем.